Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска на прес конференција посочи дека инспекторите извршиле 4.652 контроли и 278 надзори поврзани со почитувањето на протоколите за работа на угостителите.
„За една недела изречени се 35 прекршочни пријави, 24 решенија за констатирани неправилности, како и 16 прекршочни платни налози. Пет решенија се донесени поради непочитување на Законот за заштита на населението од заразни болести и протоколот за работа на угостителски објекти и тоа за по 2 угостителски објекти во Битола и Тетово и еден во Струмица во кои не се почитувало работното време. Истите се затворени за работа на лице место, а издадени се и соодветни прекршочни платни налози“, посочи Грашковска.
За новогодишната ноќ пак, како што рече таа, имало мал број на прекршоци, односно биле затворени два објекти, еден во Струмица и еден во Битола.
Грашковска нагласи дека граѓаните биле совесни за новогодишната ноќ која поминала мирно и безбедно и без многу прекршувања на протоколите за заштита од КОВИД-19. Таа исто така нагласи дека очекува така да биде и за претстојните празници Бадник и Божик, но повторно апелираше до сите граѓани и до стопанствениците да ги почитуваат мерките.
„Да празнуваме одговорно, во кругот на семејството, да се воздржиме од прослави и да нема групирања. Надлежните инспекциски служби и во текот на наредните денови ќе спроведуваат интензивни контроли на терен, сè со цел да се спречи ширењето на коронавирусот“, рече Грашковска.
Претседателката на Инспекцискиот совет апелираше до угостителите и граѓаните да внимаваат и во периодот на празници кој е пред нас.