Захариева: Спорот ќе се реши кога ќе се смират страстите

Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева сметка дека решението на спорот помеѓу Скопје и Софија лежи во враќањето на меѓусебната доверба. Таа смета дека мора да се смират емоциите за да се дојде до компромис.

„Мислам дека кога емоциите ќе се смират во Бугарија, а особено во Северна Македонија и таа ќе почне да размислува и постапува порационално, ќе се види дека Бугарија никогаш не била непријател, туку напротив продолжува да биде искрен пријател. И кога сте искрен пријател, мора да ги посочите проблемите и да барате начин да ги решите“, вели Захариева во интервју за бугарскиот весник „Труд“.

Според неа, европската перспектива на Западниот Балкан, вклучително и Република Северна Македонија, е главен двигател за реформите и за вистинско помирување во земји од регионот, па затоа проширувањето на ЕУ било главен приоритет на бугарското претседателство со Унијата.

„Бугарија го направи својот најлогичен избор како сосед на овие земји и од аспект на нашите национални интереси. Значи, ние не направивме никаква грешка. Во однос на моменталната состојба, мислам дека моите колеги, политичарите воопшто (не само Владата) во Република Северна Македонија никогаш не сфатија како работи Европската Унија. Тие не реагираа на време на предупредувањата на Бугарија, кои се случија и за време на состаноците на сите нивоа со тамошните политичари, па дури и по усвојувањето на декларацијата на бугарскиот Парламент. Ние постојано им објаснивме на пријателски начин дека договорите мора да бидат исполнети и дека нема кој да ја принуди Бугарија, како што беа доведени во заблуда во Скопје, да се повлече од потпишаниот договор, да го заборави и да ја заборави својата рамковна позиција. Ние ги предупредивме најмалку една и пол година пред да ги донесеме заклучоците за проширувањето од март 2020 година. Самиот став на бугарскиот Парламент беше одобрен една година порано, а пред оваа позиција ние сигнализиравме и повикувавме постојано за усогласување со договорот. Неисполнувањето на оваа обврска ја поткопува довербата на Бугарија во нивната искрена желба да го исполнат овој договор“, додава Захариева.

Шефицата на бугарската дипломатија смета дека излезот од сегашната ситуација во односите меѓу Скопје и Софија лежи во враќањето на довербата.

„Ние работиме во оваа насока. Не застанавме, не се откажавме во никој случај. Ние работиме заедно на јасен план во спроведувањето на нашиот договор – да го надополниме изгубеното време. Постојат многу практични и јасни обврски што двете страни мора да ги прифатат, мора да има јасна определба дека работата на заедничката историска и образовна комисија повеќе нема да престане еднострано. Ние сакаме да видиме заложби, какви и одлуки да се донесат, тие не треба да останат само на ниво на одлуки на членовите на комисијата, туку да станат јавни, да влезат во учебниците. Се надевам дека кога ќе се вратиме на нашите заложби, ќе се врати довербата“, наведува Захариева.

Во однос на проширување на ЕУ за време на португалското претседавање, Захариева нагласува дека ставот на Лисабон е оти со овој процес не треба да се брза, додавајќи дека лично се согласува со тоа и смета оти „нема смисла да се одржува состанок секој месец без да има напредок во однос на прашањата што се ставени на маса”.

„Бугарија не е непријател на Република Северна Македонија и колку побрзо го сфати тоа, толку побрзо ќе има корист за нејзините граѓани. Не очекувам притисок од португалските пријатели и колеги, ниту од некого друг. Ние мора да работиме заедно“, вели Захариева.

loading...

Останати вести

Маск го претрка Безос, стана најбогатиот човек на светот

admin

Демократски сојуз: Со Бугарија немаме заедничка историја

admin

Завршува училишниот распуст

admin