Поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков кој по два дена барање од страна на институциите, попладнево се појави во Обвинителството за организиран криминал и корупција оди во домашен притвор под аудио и визуелен надзор. Ова е одлуката на судот, иако обвинителите побарале тој да оди во притвор во затворот Шутка.
Мијалков пред да влезе во обвинителството за Телевизија 24, чија камера единствено беше пред Обвинителството, изјави дека тој бил во самоизолација бидејќи имал висока температура и симптоми на коронавирусот, кој го прележа во октомври минатата година.
Ексдиректорот на УБК пак, побарал домашниот притвор да го издржува во семејниот дом на улицата Салвадор Аљенде на Водно, а не на адресата која што му е внесена во личната карта.
Во меѓувреме, на страницата на Министерството за внатрешни работи сѐ уште стои меѓународната потерница по Сашо Мијалков и покрај тоа што министерот Оливер Спасовски на Фејсбук се произнесе за појавувањето на првообвинетиот во „Таргет – Тврдина“.