УНЕСКО со најновиот, катастрофален извештај за Охридското Езеро ги отвора очите на надлежните, кои и покрај јавните заложби, не сторија ништо за заштитеното подрачје на Охрид.
Меѓу забелешките и во овој извештај се најдоа отстранување на дивопоставените објекти долж брегот на Охридското Езеро и заштитеното подрачје на градот, целосна забрана за градба, усогласување на урбанистичките планови со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, заштита на старата градска архитектура, како и отстранување на урбаната опрема околу значајните знаменитости во градот.
УНЕСКО бара веднаш да се реконструира пешачката патека која го поврзува каналот „Студенчишта“ со „Горица 1“, бидејќи оценката е дека се прекинале природните врски меѓу езерото и блатото, што пак го загрозува живиот свет.
Според правилата на УНЕСКО, листата на загрозено светско наследство е создадена да ја информира меѓународната заедница за условите кои ја загрозуваат специфичната особеност поради која еден регион или место е ставен на Листата за светско наследство, а и за да охрабри корективна акција.
Со вбројувањето на едно место на Листата загрозено наследство, Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, во консултација со властите треба да развие и усвои програма за корективни мерки и потоа да врши мониторинг на состојбата на терен.