„Успешната акција“ го заборави барањето на „кртот“ во системот

По два дена молк и без полициско присуство се појави првообвинетиот во „Таргет – Тврдина“ и ексдиректор на некогашното УБК, Сашо Мијалков се појави во зградата на Обвинителството за организиран криминал и корупција. Неговото објаснување беше дека имал температура и симптоми на коронавирусот, па затоа бил во изолација, а не дека се обидел да избега.

И додека обвинителката Вилма Русковска пред јавноста соопшти дека во текот на вчерашниот ден цело време имале разговори со посредници кои им посочувале дека Мијалков сакал да отиде во обвинителството, а не во полиција или во судот, премиерот Зоран Заев неговото враќање го објави како триумф на власта, односно функционалност на системот, за кој пак претходно министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски соопшти дека е очигледно дека не функционира и дека треба да се направи се тој да почне да работи.

И додека пред владата на голема врата се најави како тоа со „тропање на маса“ профункционирал системот, се заборави барањето на „кртот“ во инстутициите за кој на половина прес конференција зборуваше министерот Спасовски.

Русковска: Мијалков сам се пријави

По неколкучасовен разговор со Сашо Мијалков, а неколку минути по прес конференцијата на премиерот Зоран Заев, со изјава вчера излезе и шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и висока корупција, Вилма Русковска. Била искрено радосна што обвинетиот одлучил сам да се пријави, додавајќи дека не верува дека Мијалков бил болен.

„ Од кога е дојден до сега  Мијалков беше обезбедуван од истражителите кои се во Истражниот центар на ЈО за гонење организиран криминал и корупција. Единствено се видов со едниот негов адвокат.  При разговор со неговиот адвокат двајцата заклучивме дека направил грешка што не се пријавил и не го примил решението. Навистина незнам каде бил, изјави шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал“, рече обвинителката.

Заев: Го притиснавме, немаше друг избор освен да се предаде

Премиерот Зоран Заев неколку минути по појавувањето на Мијалков најави прес конференција, на која се појави во друштво на министрите за внатрешни работи и правда, Оливер Спасовски и Бојан Маричиќ. Видно расположен за разлика од вцрвенетото лице во понеделникот пред судот, каде сведочеше во слулајот „Титаник“, кажа дека не верува оти Мијалков имал температура, додавајќи дека веројатно неговата температура била 40 степени кога дознал дека ексдиректорот на УБК не е достапен на органите за прогон.

„Неговото пријавување во обвинителството не треба да се смета за олеснителна околност затоа што Мијалков избега, односно не беше достапен на органите за прогон. Јас, Зоран Заев, ве гледам во очи и ви кажувам, компромис со правдата нема. Ако си грешел, ќе одговараш. Денеска чукнавме на маса и институциите покажаа капацитет. Самите институции нападнаа по неговите блиски, обезбедувањето и дојдоа неговите адвокати, а потоа се појави и тој. Тоа е принуда самиот да се појави“, рече Заев, фалејќи се дека со акцијата раководел лично тој.

Спасовски: „Кртот“ го бараме и во сопствените редови

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски по два дена молк излезе на прес конференција неколку часа пред да се појави Сашо Мијалков во јавноста. Тој појасни до кога бил следен обвинетиот и каде било неговото движење, како и кога му се губи трагот.

„Кртот“, споменат од медиумите, Спасовски кажа дека е можно да биде во било која од институциите, не исклучувајќи го и министерството со кое тој раководи, додавајќи дека поранешниот режим владеел речиси 11 години, со што е невозможно да се исчистат сите „поткажувачи“.

„Ако има некој кој допринел за бегството, треба да има кривична одговорност, без разлика дали е во МВР, судството или обвинителството. Многу работи се менуваат во правосудството. Има многу реформи и во МВР, меѓутоа, прашањето е дали ние ќе го смениме нашиот ум во делот на постапувањето во однос на криминалци кои можат да остварат ваквов начин на бегство. Ова е работа која мора да се заврши пред правосудните органи. Ние не сме имале мерка со која тој ќе биде следен, чуван и тн. Во овој предмет имаше една мерка, јавување во судот еднаш неделно. Тој поседува имот надвор од државата, многу пари и така натаму. Во секој момент кога полицијата имала наредба да постапува, постапувала“, рече Спасовски.

Сепак, по појавувањето на Мијалков, ниту премиерот, ниту Спасовски не го споменаа барањето на „крт“ во системот, туку единствено најавија истрага која треба да покаже дали некоја институција потфрлила во чувањето на обвинетиот кој наместо од неделата попладнето, мерката домашен притвор ја издржува од вчера доцна попладнето.

Мерката затворски притвор остана домашен притвор во „палатата“ на Водно

Мијалков имал едно барање – притворот да го издржува на улицата Салвадор Аљенде на Водно, во семејната палата за која долго време тврдеше дека не е во негова сопственост.

Неговото движење низ дома ќе се следи аудио и визуелно, но никој не објасни на јавноста како тоа ќе се одвива. Мијалков пак, во петок треба да ја слушне првостепената пресуда за масовното прислушување во Македонија, случај за кој е првообвинет, а за која одлука потоа ќе има можност да се жали на повисоките судови во земјата.

Опозицијата гледа коалиција Заев – Мијалков и по бегството и по враќањето

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера излезе на две прес конференции, пред и по враќањето на Сашо Мијалков. И во двата случаи, тој кажа дека имало политички договор помеѓу премиерот Заев и обвинетиот Мијалков, прво дека се договориле тој да избега од земјата и да не одговара, а потоа дека се договориле тој да се врати и да се пријави во Обвинителството.

Враќањето на Мијалков, освен како договор помеѓу Заев и Мијалков, Мицкоски го посочи и како успех на реакциите на јавноста, барајќи оставка и одговорност од целата влада.

loading...

Останати вести

Јорданов: Во Штип беа спроведени мафијашки избори

admin

Захариева: Спорот ќе се реши кога ќе се смират страстите

admin

Интересен факт: Очилата ја намалуваат шансата за заразување со коронавирус

Elena Daskalova