Груевски: Во новата декада Македонија од нето увозник ќе прерасне во нето извозник на електрична енергија

Ќе инвестираме многу во патната инфраструктура. Гледате дека автопатот Скопје – Штип кој што го ветивме, над 80 проценти е завршен. Овие го стопираа за по година-две да ви кажат дека тие го изградиле, небаре вас памтењето ви е само година-две. Планот со новата ера е преку градење на нови автопати, експресни патишта, на нови реконструирани регионални и локални патишта секоја дестинација во Македонија да се одминува за 80 минути со возило, освен најоддалечените точки од една до друга граница за најмногу 120 минути.

Ова денеска од митингот во Свети Николе го истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, додавајќи дека сега Македонија е увозник на електрична енергија за 30 до 40 отсто, но оти во новата програма преку градење на нови електрични капацитети, до крајот на новата декада Македонија од нето увозник да прерасне во нето извозник.

-Ќе има повеќе производство на струја отколку што се внатрешните потреби и ќе се извезува на тој начин дополнително ќе се внесуваат девизни средства и заработка во Република Македонија, посочи Груевски.

Нагласи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ направи многу во делот на образованието, за тоа да стане подостапно.

-Нашата следна задача е да продолжиме и да работиме понатаму на планот да биде поквалитетно. Ние работевме на тоа и досега, но потребно е уште многу работа. Нашиот таргет до крајот на наредната декада е основните и средните училишта според својот квалитет да влезат во првата половина на листата на Пиза, а барем универзитет во Македонија да влезе во првите 200 највисоко рангирани универзитети во светот според Шангајската листа, потенцира Груевски.

Рече дека само во времето на ВМРО-ДПМНЕ растеа пензиите, се воедоа и растеа субвенциите за земјоделците, растеше социјалната помош и растеа плата во администрацијата.

-Тоа ќе започне по враќањето на ВМРО-ДПМНЕ и започнувањето на новата ера. Ќе растат платите, ќе земјоделските субвенции, ќе растат пензиите за пензионерите, ќе расте и социјалната помош. Но, најголемата грижа ќе ни биде што помалку луѓе да имаат потреба од социјална помош. Затоа што нашето мото е дека најдобрата социјална политика е онаа политика која отвора нови работни места во земјата, посочи Груевски.

Истакна дека во новата програма, односно новата стратегија предвидени се голем број проекти за зголемување на зеленилото и за заштита на животната средина.

-Тоа ќе биде една огромна преокупација, ќе биде еден значаен таргет затоа што тоа и е потребно на Македонија. Покрај ова, ќе бидеме многу фокусирани нашата економија да се засноава на иновации и да се развива претприемништето. Ние не сме држава со преголеми природни ресурси, ние мораме да ги искористиме нашите умови и умовите на младите луѓе до максимум. Тоа е поле каде што државата уште повеќе ќе помага. Ние веќе во претходниот мандат отворивме Фонд за поддршка на иновациите и технолошкиот развој, направивме и медиумска кампања за да ја кренеме свеста меѓу народот за значењето на иновациите и за да почнеме Македонија да ја градиме како економија базирана на иновации, истакна Груевски.

Подвлече дека тој Фонд почна да дава грантови за иновации, како и дека стотици компании веќе добиле грантови за развој на иновациите.

-Меѓутоа, тоа е само почеток. Во наредната ера, во наредната декада тоа ќе биде силно засилено и секој млад човек што има добра идеја, секој млад човек што сака да започне бизнис заснован на иновација ќе биде силно поддржан во тоа. Покрај ова, ќе се делат помошти и грантови за започнување на нови фирми, нови компании, нови производства и развој на претприемнишкиот дух во Македонија. Ние мораме да станеме нација заснована на иновации и со силен претприемнички дух. Има многу земји со големина слична на нашата што успеале во тоа и отишле многу напред, многу напред. Знаеме дека може да се успее. Потребен е само фокус на тоа, потребно е насочување на средства, потребна е јавна кампања заради свеста на народот и да се подигне вербата дека можеме, и тоа ќе го правиме. Со специјалисти донесени однадвор, со специјалисти кои ги имаме тука ќе работиме Македонија да стане земја со технолошки развој, баризана економија на иновации и држава со силно развиен претприемачки и бизнис дух, потенцира Груевски.

Нагласи дека сега на Македонија, како никогаш досега и се потребни докажани луѓе.

-Исправени сме пред голема историска одлука за иднината на нашата земја. Доведени се во прашање нашата економија, нашиот национален идентитет, култура, јазик и држава. На 15 октомври на локалните избори гласајте за луѓе чии постигнати резултати сите ние ги гледаме. Гласајте за луѓе кои знаете дека постојано работеле и во иднина ќе продолжат да работат за наше заедничко подобро утро. Луѓе кои ги исполнуваат изборните ветувања, веруваат во правда, не бегаат од одговорност и учат од сопствените грешки. За луѓе кои веруваат во народот и неговите способности, посочи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *