Темелковски во благо водство пред Тарчуловски

Темелковски во благо водство пред Тарчуловски

Според истражувањето на компанијата за истражување на јавното мислење Гаусс Полл, расположението на граѓаните во Општина Кисела Вода е скоро симетрично поделено за тоа на кој кандидат ќе му ја дадат довербата на претстојните локални избори.

Од резултатите добиени од анкетата која беше спроведена по методот „лице в лице“ во периодот 29.09 – 05.10.2017 на примерок од 435 полнолетни граѓани на општината, кандидатот на СДСМ Филип Темелковски е во благо водство пред кандидатот на ВМРО – ДПМНЕ Јохан Тарчуловски. Имено Темелковски води пред Тарчуловски за 2,6 процентни поени кај испитаниците кои се произнеле на прашањето за кого би гласале доколку утре се одржуваат локални избори, односно 29,2% за Филип Темелковски додека 26,6% за Јохан Тарчуловски.

Она што е исто така карактеристично за оваа анкета е и релативно изедначената оценка на граѓаните во однос на тоа колку сметаат дека кандидатите се соодветни за функцијата кон која претендираат. На ова прашање жителите на Кисела Вода во просек даваат претежно неутрална оценка за двајцата кандидати, со тоа што Филип Темелковски симболично се двои од Тарчуловски во позитивниот спектар за 0,36 поени (3,29 спрема 2,93 од максимални 5).

Ова укажува на тоа дека граѓаните во основа не ги познаваат способностите на кандидатите кои во текот на досегашниот дел од кампањата не успеаа ефективно да се претстават како индивидуи со соодветни способности за исполнување на овој важен ангажман. Ова впрочем уште повеќе се потврдува со фактот дека, во скоро идентичен сооднос, граѓаните ќе гласаат и за советничките листи предложени од политичките партии, односно 27,4% за ВМРО – ДПМНЕ и 28,8% за СДСМ.

Кога станува збор за носителите на советничките листи, се забележува видлива не препознатливост, односно помалку од една петина од граѓаните знаат кои се предводниците на советничките листи на ВМРО – ДПМНЕ (Орце Ѓорѓиевски) и СДСМ (Д-р Емилија Трајковска).

Според овие опсервации рејтинзите за градоначалник и совет се практично изедначени, што значи дека ниту еден од кандидатите не се истакнува вон партиската поддршка, дотолку повеќе што Јохан Тарчуловски бележи скоро за еден процентен поен помал рејтинг отколку неговата партија. Единствено извесно е тоа дека на овие локални избори во Кисела Вода исходот е целосно во рацете на не определените гласачи кои збирно сочинуваат дури 43% од вкупниот број испитани (грѓани кои сеуште не знаат или одбиваат да одговорат за кого ќе гласаат).

Расположението за гласање е големо и се апроксимира на 78,8% излезност на изборите во оваа општина. Може да се заклучи дека исходот од овие избори е потполно неизвесен бидејки процентуалните разлики се наоѓаат во рангот на стандардната статистичка грешка од 2,5%.