Дали денес е последниот празник на обединета Шпанија?

Дали денес е последниот празник на обединета Шпанија?

Шпанците се подготвуваат да го прослават 12 октомври, денот на нацијата, но за разлика од претходно порелаксираните години, овој пат постојат стравови дека може да биде последен кој ќе го слават како обединета Шпанија.

Очите секако ќе бидат вперени кон Барселона од каде се очекува да биде донесена конечна одлука на регионалната влада која по референдумот има амбиции да прогласи независност и официјално да побара да се одвои од Шпанија.

Сепаратизмот остро беше осуден од централната влада во Мадрид, а премиерот Рахој постави и ултиматиум со кој Каталонците треба конечно да се изјаснат. Доколку отидат на чекорот да ги прифатат резултатите од референдумот кој шпанскиот суд го прогласи за незаконски Рахој е подготвен да и ја одземе автономијата на Каталонија што е во согласност со неговите уставни надлежности, но тоа е краен чекор кој може да доведе и до граѓанска војна.

Националниот ден на Шпанија се прославува од 1935 година, а е во чест на стапнувањето на Кристофер Колумбо на брегот на Америка во име на шпанската кралица во 1492 година. Монархистите и фашистите во тој период во Шпанија сакале да ја истакнат својата историја на колонијалисти и освојувачи со силна поддршка од круната и црквата.

Дури и самиот национален празник е мотив за поделби во Шпанија, особено што републиканците подоцна барале истиот да се менува и да не биде посветен само на монархијата.