Connect with us

Македонија

Колку Македонците користат мобилно банкарство?

Мобилното банкарство, кое овозможува олеснет пристап до банкарските услуги во секое време, без чекање на шалтери, добива се повеќе приврзаници. Речиси да нема банка која нема издадено апликација со која паметниот телефон се претвора во подвижна виртуелна експозитура преку која може да се провери сметката или да се направи плаќање, пишува Фактор.

Како во светот, така и кај нас, бројот на корисници на електронско банкарство и на мобилно плаќање расте со голема брзина од година во година. Според статистиката, дури 80,9 отсто од македонските интернет- корисници пристапуваат на мрежата преку мобилен телефон или таблет, па токму ова е причина банките да нудат се повеќе услуги кои граѓаните и компаниите можат да ги завршат од својот компјутер или смартфон.

Стопанска Банка а.д. Битола ги следи овие трендови и секогаш настојува да ги задоволи потребите на своите клиенти, да одговори на нивните барања и да понуди повеќе.

– Современите банки при своето функционирање мора постојано да ја докажуваат својата вредност и да го оправдаат своето постоење. За да опстанат на денешниот пазар, банките мора да се менуваат побрзо од конкуренцијата, а тоа може да се постигне само со поефикасно електронско работење и следење на модерните трендови на нудење на електронски сервиси, електронско и мобилно банкарство. Денешните клиенти се во постојано движење. Во дигиталниот свет кој е во постојан развој и еволуција, современите клиенти сакаат да бидат во чекор со последните трендови кои го прават банкарското работење едноставно, брзо и сигурно. Брзиот пристап до информациите, преглед на состојба на сметка, вршење на трансфер на средства, плаќање во било кое време, било од каде, е секојдневие во динамичниот начин на живот и работа- велат во Стопанска Банка Битола.

НЛБ Банка АД Скопје излезе на пазарот со комплетна мобилна апликација за физички лица која вклучува и можност за плаќање уште во март 2013 година. Оваа година во споредба со почетната година имаат пораст од 2.300 отсто на корисници физички лица (од 1.568 на 36.560 корисници до август 2017). Во споредба со лани бележат пораст од 263 отсто на корисниците на мобилно банкарство. Банката во април 2017 пушти во употреба и мобилна апликација за правни и досега има 861 корисници. Сликовит приказ за растот на мобилното банкарство даваат податоците на банката за бројот и вредноста на трансакциите. Во првите шест месеци од годинава преку мобилното банкарство се направени 80.604 трансакции во вкупен износ од 10,8 милиони евра, додека лани во истиот период се направени 36.247 трансакции вредни 3,9 милиони евра.

– Иако користењето на мобилното банкарство е на почеток, истото расте со забрзано темпо и сметаме дека во иднина ќе биде еден од главните канали на извршување на трансакции и интеракција со Банката- велат во НЛБ Банка.

Освен што штеди време, користењето на услугите на електронското и мобилно банкарство е и поевтино во однос на трансакциите на шалтерите. Ова е еден од причините зашто се повеќе граѓани се решаваат да го користат е- банкарството. Плаќањето на режиските трошоци за струја, парно, вода, телефон и слично најчесто се без провизија, додека останатите провизии се и повеќе од половина пониски во споредба со истите доколку корисникот би ја користел истата услуга на шалтер во експозитура.

Но, ако мобилното банкарство носи олеснување на секојдневните обврски на обичните луѓе, тоа, од друга страна, е ноќна мора за банкарските службеници. Неодамна објавеното истражувањето на Европската банкарска федерација покажа дека во минатата година банките во Европската унија затвориле 9.100 филијали и отпуштиле околу 50.000 работници поради зголемената популарност на интернет банкарството.Банките ги затвориле скапите филијали за да ги намалат трошоците за нивно одржување.

Сепак, предвидувањата се дека ова е краткорочен проблем бидејќи новите дигитални технологии нема да ги намалат работните места во финансиската индустрија, туку ќе го променат профилот на вработените, односно повеќе ќе се бараат кадри со информатичко образование.

Click to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Актуелно