Паметен телефон -„дрога“ која постепено треба да се одвикнува

Паметен телефон -„дрога“ која постепено треба да се одвикнува

Ако во секој слободен момент посегнувате по вашиот паметен телефон, можеби е време да прекинете со таа пракса, сметаат докторите, додавајќи дека во никој случај тоа не треба да се прави нагло.

Ирис Хаут, психолог од Берлин, препорачува постепено одвикнување од непрекинатата зависност од проток на информации.

Таа препорачува да се започне со таканаречено „самодисциплинирање“, односно поединецот да си го одреди времето во текот на денот кога во период од два до три часа нема да го користи својот паметен телефон.

„Сама се дисциплинирам на тој начин што не го користам телефонот од 7 до 11 часот навечер“, вели оваа докторка.

За време на викендот треба да се воздржите од читање на службени електронски мејлови, а некои компании тоа дури им го забрануваат на вработените.

Новите технологии не се во потполност лоши, вели докторка Хаут и додава дека постојаната изложеност на бројни информации, кои се често непотребни и го оптеретуваат мозокот, е загрижувачка.

Таа смета дека тие информации негативно влијаат врз меморијата и концентрацијата. Меѓутоа, овие нејзини претпоставки сепак не се научно поткрепени.

Хаут додава дека пријателите и членовите на семејството треба да се присетат дека социјалните мрежи како Facebook и WhatsApp се само помагала, а не и замена за комуникација.