Connect with us

Свет

Туск: Нема место за интервенција на ЕУ околу прашањето на Каталонија

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск кажа дека нема место за интервенција на Европската Унија кога станува збор за ситуацијата во Каталонија. Тој повтори дека тоа е внатрешно прашање на Шпанија и дека за тоа не очекува формални разговори во ЕУ.

„Не може да се скрие фактот дека ситуацијата во Шпанија е загрижувачка. Но позицијата на институциите и земјите членки на ЕУ е јасна. Нема место за каква било медијација или меѓународна иницијатива и акција“, изјави Туск на првиот ден на самитот на ЕУ лидерите во Брисел.

Тој истакна дека прашањето за односите на Шпанија и Каталонија не е на агендата на ЕУ, наведувајќи дека секој има свои „емоции, мислења или проценки“ за ситуацијата, но дека формално тука „нема место за интервенција на ЕУ“.

Претседателот на Европскиот совет кажа дека европските лидери во текот на првиот ден на самитот во Брисел се договориле да ѝ помогнат на Италија во решавањето на прашањето со миграцијата на Централно-медитеранската рута.

„Имаме реални шанси да ја затвориме Централно-медитеранската рута. Затоа решивме земјите членки да обезбедат доволно средства за Северна Африка, а Европската комисија ќе обезбеди блокирање на каналите за нелегалната миграција. Очекуваме конкретни резултати во следните неколку недели“, порача Туск.

Тој додаде дека на самитот во Брисел се разговара за таканаречената „лидерска агенда“ која се однесува на начините за напредок во клучните области, како миграцијата и безбедноста, додека истовремено се задржува единството во ЕУ.

„Додека сум тука, ќе бидам чувар на европското единство. Тоа не е само моја формална улога како претседател на Европскиот совет туку пред сѐ мое убедување. Единството е нашата најголема сила“, заклучи Туск.

Лидерите на 28-те земји членки на ЕУ на работната вечера во Брисел разговараа за надворешната политика, ситуацијата во Северна Кореја, Иран и Турција.

Британската премиерка Тереза Меј треба европските лидери да ги информира за чекорите во процесот на излегување на Велика Британија од ЕУ.

Click to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Актуелно