УНИЦЕФ: Децата бегалци од Мјанмар се соочени со пекол

УНИЦЕФ: Децата бегалци од Мјанмар се соочени со пекол

Голем број деца припадници на народот Рохинџи, кои пребегале од Мјанмар, соочени се со тешки услови во камповите за бегалци во Бангладеш.

Во извештајот на Детскиот фонд на Обединетите нации се наведува дека мнозинството деца, кои опфаќаат 58 отсто од бегалците од Мјанмар, во текот на претходните два месеца се недоволно нахранети.

– Поголемиот дел од децата бегалци во Бангладеш присуствуваа на страдањата во Мјанмар, какви што никогаш не би требало да видат, при што доживеаја големи загуби, рече извршниот директор на УНИЦЕФ, Ентони Лејк.

Во извештајот на УНИЦЕФ, објавен пред донаторската конференција што ќе се одржи в понеделник во Женева, се посочува дека на бегалците им е потребна чиста вода, храна, санитарно-здравствени мерки, засолништа и вакцинации поради можна појава на колера.

Се предупредува и на заканата од трговија со луѓе, кои би можеле да ги екслоатираат децата во подрачјата каде што има голема концентрација на бегалци.

Според податоците на ОН, повеќе од 500.000 Рохинџи досега пристигнаа во Бангладеш од мјанмарската провинција Ракхин, од 25 август, од почетокот на воените операции на мјанмарските безбедносни сили.

ОН воената офанзива во Мјанмар ја опишува како етничко чистење, меѓутоа Мјанмар инсистира дека нејзината војска се бори против „терористите кои убиваат цивили и палат села“.