Коста Јаневски ја презеде функцијата градоначалник на општина Струмица

Коста Јаневски ја презеде функцијата градоначалник на општина Струмица

Коста Јаневски денеска и официјално стапи на функцијата градоначалник на општина Струмица.

Јаневски ја презеде функцијата по добивањето на решението за избор од Општинската изборна комисија, а му ја предаде вршителот на должност Костадин Костадинов.

– Со голема чест, но истовремено и одговорност, денеска ја примив функцијата градоначалник на општина Струмица. Велам чест, зашто Струмица не е која било општина, туку најпрогресивната во последните 12 години, од која граѓаните очекуваат многу, со право. Одговорност, зашто мојот градоначалнички мандат ми е доверен со голем број гласови од граѓаните, рече Јаневски.

Според него, победници на локалните избори се граѓаните.

– На овие локални избори, граѓаните се победниците, а јас сум само еден од нив, кој во наредните четири години ќе ја води општина Струмица во нови успеси. Им ветувам, ќе ги реализираме ветените проекти, ќе работиме вредно и посветено. Мојот кабинет секогаш ќе биде отворен за проблемите на граѓаните, нивните идеи и сугестии зашто јас сакам заедно со нив да ја градиме иднината на Струмица, да обезбедиме квалитетен живот за сите, истакна Јаневски.

Вршителот на должност, Костадинов кој осум месеци ја извршуваше градоначалничката функција, на примопредавањето се заблагодари на поддршката од општинската администрација и граѓаните, рече дека со Јаневски Општината ја остава во сигурни раце, а од позицијата на пратеник во Собранието на Република Македонија ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните.
– Особено сум горд што ја имав можноста осум месеци да ја водам Општината, која 12 години се градеше по европски терк, која беше и останува најпосакувано место за живеење во Македонија. Предизвикот беше голем и сериозен за млад човек како мене, но претходно имав добар учител и само го следев патот што веќе беше трасиран од него, нагласи Костадинов.