Connect with us

Видео

(ВИДЕО) Средба Димитров – Тилерсон во Вашингтон

Министерот за надворешни работи Никола Димитров се сретна со државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, во Вашингтон.

Во соопштението од македонското МНР се вели дека министерот Димитров на интерес на Државниот секретар даде осврт на актуелните политички состојби во Република Македонија и во регионот, а исто така го запозна и со актуелностите во процесот на надминување на разликите околу името со Грција.

-Македонија е пријател и партнер на САД, убедени сме дека со вашата помош и лидерство, и поддршката на европските сојузници, набргу ќе станеме дел од семејството на НАТО. Нашата посветеност и решителност е огромна, како би ја искористиле оваа можност што ни’ се укажува, рекол Димитров.

Информирајќи за реформите во Македонија, Димитров нагласи дека „сакаме да изградиме силни и демократски институции и да го зацврстиме владеењето на правото, за да ја направиме Македонија посакувана полноправна членка на евро-атлантската заедница“. Зборувајќи за придонесот на Република Македонија во зачувувањето на меѓународната безбедност и борбата против тероризмот, Димитров ја реафирмираше цврстата определба на Владата на Република Македонија постепено да го зголемува буџетот во сферата на одбраната согласно барањата на Алијансата. Во контекст на односите со соседите и состојбите во регионот, Димитров подвлече дека „нерешавањето на проблемите повлекува политичка одговорност“, соопштија од МНР.

Државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, како што се вели во соопштението, истакнал дека Македонија е на добар пат да биде успех и пример за регионот. Тој нагласи дека САД ќе продолжи да има позитивна улога за стабилноста и напредокот на регионот; да бара начини како да помогне. Тилерсон даде поддршка на реформската агенда повикувајќи ја Владата на РМ да истрае во нејзиното спроведување .

Стејт департментот на својот сајт објави кратко видео од пречекот на Димитров, при што е најавено дека тој ќе одржи билатерална средба со Тилерсон.

Актуелно