Connect with us

Видео

(ВИДЕО) Заев: Остануваме посветени на развојот и регионалната соработка меѓу царинските администрации

„Ние земјите од регионот на Западен Балкан ги продолжуваме чекорите напред, трасирајки заеднички пат кон економски развој на нашите држави и европски и евро-атлантски интеграции.

Овој состанок на царинските служби на државите од регионот, во Скопје, што заврши со преземена писмена обврска за соработка, преку усвоената Декларација е уште една наша порака: Сакаме да соработуваме, можеме и знаеме како, рече премиерот Зоран Заев.

Овој потег на раководствата на државите од Западен Балкан, да мотивираат активна соработка на царинските служби е дел од Берлинскиот процес. Ова е дел од обврската што ја презедовме во Трст во рамки на овој процес, во јули годинава, кога застанавме зад определбата да работиме заедно на создавање Регионална економска област.

Декларацијата што ја усвоија денеска генералните директори значи изразена подготвеност и посветеност на царинските администрации да работат заедно и со тоа да придонесат кон Регионалната економска област.

Вака, и фактички, регионот го правиме атрактивен за инвестиции и трговија, за земјите од Европа и светот кои целат кон поголеми пазари, од она што поединечно може да го понуди секоја од нашите држави.

Економските оператори ќе имаат еднакви услови за нивно комерцијално работење, на атрактивен пазар, од речиси 20 милиони жители, за домашните и странските инвеститори.

Економската и трговската интеграција што ја овозможуваме, прави пат за воведување динамичен регионален инвестициски простор, олеснување на регионалната мобилност и креирање агенда за дигитална интеграција.

Царините имаат клучно значење во обезбедувањето непречен проток на трговијата, примена на потребните контроли, заштита на здравјето и безбедноста на граѓаните.

Отворањето на царинските служби на нашите земји за меѓусебни консултации, координации, активности, што го договараме на овој Неформален регионален состанок на директорите на царинските управи од земјите на Западен Балкан, ќе го олесни протокот на стоки, услуги, капитал, висококвалификувана работна сила.

Застанувањето зад заеднички стандарди, коишто ги бараат европските инвеститори и инвеститорите од земјите од светот, за нашите држави ќе значат нови вработувања, мотивирање на младите да работат и живеат во родните земји и посилна конкурентност. Со тоа постигнуваме и придвижување на растот на претпријатијата, платите, стандардот, целокупната економија во нашите земји.

За да се постигне рамнотежа на царинските постапки, контролните методи мора понатаму да се модернизираат и да се зајакне соработката помеѓу регионалните царински служби.

Овој состанок е еден од првите со којшто се става во динамика Агендата за понатамошна економска соработка.

Исто така, овој состанок е и јасна потврда на заедничкиот интерес за зајакнување на соработката меѓу нас, но и тесна соработка со ЕУ.

Уверен сум дека чекорите што ги правиме, како денешниот, водат кон просперитет на граѓаните и бизнисите на Западен Балкан, а со тоа и кон отворени перспективи и за граѓаните и за бизнисите во Европа и пошироко.

Потенцирам дека е од суштинско значење да го задржиме моментумот на реформите свесни дека ги отвора вратите за сите кон унапредување во следната фаза на пристапување кон Европската унија.

Изразувам благодарност до претставниците на меѓународната заедница, Европската унија, Светската трговска организација, Советот за регионална соработка на Светската банка, Секретаријатот на ЦЕФТА, УСАИД и другите поддржувачи, ангажирани во нашите цели да постигнеме повисоко ниво на соработка и интеграција во регионот.

Како премиер на Република Македонија, во име на граѓаните и на Владата на Македонија порачувам дека ќе останеме посветени на развојот на регионалната соработка, ќе придонесуваме во поддршката за подлабока соработка меѓу царинските администрации на регионот и зајакнувањето на нивниот капацитет, со цел да ги оспособиме да се соочуваат со предизвиците и да ги исполнат приоритетите што се поставени за поддршка на интеграцијата во регионот во Европската унија.

ЕУ е реална перспектива за сите земји на западен Балкан, можеме заедно, да продолжиме да чекориме заедно, напред“ истакна Заев на настанот на царинските служби на државите во регионот.

Актуелно