Connect with us

Македонија

(ВИДЕО) Заев: Ќе го намалиме бројот на предмети во училиштата

Учениците во Македонија имаат премногу предмети и лошо знаење, рече премиерот Зоран Заев на обраќањето на Конференцијата за образование на УНИЦЕФ.

– Во образовниот систем досега многу се експериментираше, а најмногу штета претрпеа децата, учениците и студентите. На Македонија и е потребен образовен систем кој во иднина само ќе се надоградува, а не постојано да се менува, рече Заев.

Тој најави менување на законите. Владата преку Министерството за образование веќе почнала со ревизија на наставните планови и програми, а започната е и ревизија на учебниците.

– Следната година ќе почне и опремувањето на основните и средните училишта со современи лаборатории, што ќе придонесе во практичната настава и зголемување на интересот на учениците за наставните содржини. Исто така, планираме да го намалиме бројот на предмети во училиштата. Учениците да можат да ги стекнуваат знаењата главно на училиште, за да имаат повеќе слободно време дома. Така ќе ги ослободиме од психолошките притисоци на обврска за постојано механичко седење над книгите, што знаеме дека не дава резултати – рече Заев.

Во високото образование, како што рече премиерот, се размислува да има пократки студиски програми, од три години, а за да ги развијат и надоградат афинитетите на учениците во понатамошното образование планирани се и механизми со кои ќе се насочуваат децата кон она што го можат.

Актуелно