Connect with us

Македонија

Оне.Вип се сели во објект на Груевски и Мијалков?

Дали новото седиште на Оне.Вип во Скопје е во сопственост на корумпираниот круг соработници на експремиерот Никола Груевски? Оваа тема ја истражува австрискиот весник Куриер и пишува дека сомнежите за такво нешто постојат, не само во македонската јавност, и оти се спорни врските меѓу Австрија Телеком и некои поранешни министри во владата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ќерката на австриски Телеком во Македонија – Оне.Вип следната година треба да добие ново седиште во главниот град Скопје. Од 2009 година фирмата е сместена во бизнис-центар во центарот на Скопје, кој му припаѓа на познатото австриско градежно семејство Соравија. Австрискиот Телеком, односно Оне.Вип досега беа вносни партнери за Соравија. Имено тие досега плаќаа кирија за просториите од 70 илјади евра месечно“, пишува Куриер, а пренесува ДВ.

Она што е спорно, според весникот, е кој стои зад новиот комплекс во кој треба да се пресели Оне.Вип.

„За сопственикот на новата зграда- комплексот Св. Мина на кејот на Вардар- во која треба да биде седиштето на Оне.Вип, веќе со месеци се шпекулира. Официјално како сопственици се заведени една фирма- трговец со текстил и една градежна фирма. Вистинските сопственици веројатно се дел од најблискиот круг на длабоко корумпираниот поранешен премиер Никола Груевски“.

Фекален курцшлус

Се работи за земјиштето во строгиот центар на Скопје, кое во македонската јавност се вртеше откако се случи мала хаварија на градежниот плац и се создаде езеро од фекалии, веднаш до новата зграда на Факултетот за драмски уметности. Инцидентот кој се случи во септември 2016 година, тогаш отвори бројни прашања околу сопствениците на земјиштето и на фирмата која го гради објектот.

Изведувач на објектот е фирмата „Рапид Билд“, а инвеститор „Волис Проперти ФЛ ДОО“. Зад овие фирми стојат Тони Каранфиловски и Зоран Антиќ. Фирмите на Каранфиловски градат делница од гасоводот Скопје-Тетово. Но мнозински сопственици на фирмите всушност се „Билдинг капитал“ и „Билд фашн груп“ од Прага, Чешка. За тие фирми се шпекулира дека се во сопственост на еден од браќата Мијалкови. Австриски Куриер, тврди дека се работи за Сашо Мијалков.

Од Телеком Австрија велат дека нема ништо спорно во сопственоста на новото седиште
„Конкретно, се работи за Сашо Мијалков- братучед на Груевски и поранешен шеф на тајната служба. Се смета дека Мијалков има блиски односи со телеком индустријата. ‘Нашите контроли не пронајдоа никакви наводи за неправилности кај сопственикот’, објаснува портпаролката на Телеком Австрија, Барбара Грос. Прашањето е само, како контролорите воопшто можеле да ги проверуваат можните семејни врски меѓу политиката и бизнисот во Македонија?“, се прашува Куриер.

Изнудена преселба?

При потпишувањето на договорот за спојување во 2014 година, договорена е и преселбата во комплексот Св. Мина. Извори во Вип тврдат дека промената на седиштето било направено под притисок од македонската влада со која тогаш раководеше Груевски. На тој начин требало да биде покажана благодарност за спојувањето.

„Тоа не е точно“, тврди портпаролката на Телеком Австрија. Поради спојувањето и преземањето на Близоо, имало различни седишта. „Ја искористивме можноста да добиеме едно соодветно седиште на фирмата, кое одговара на нашите потреби и им овозможува адекватно работно место на нашите околу 500 вработени“, вели Грос.

На крајот на текстот, Куриер ги споменува и минатогодишните посети на тогашниот шеф на дипломатијата Себастијан Курц на Скопје, иако не наведува никаква дирекна релација со случајот на Оне.Вип. „Идниот австриски канцелар мораше во 2016 година да му дава предизборна поддршка на Груевски. На еден митинг во Скопје Курц им се заблагодари на своите ‘драги пријатели’ за помошта при затворањето на балканската рута“, пишува Куриер.

Последниот текст е дел од серијата истражувања на Куриер за работата на Австрија Телеком и нејзината ќерка Вип.Оне во Македонија. Во фокусот досега најчесто беше поранешниот македонски министер, и актуелен шеф во Телеком Австрија, Иво Ивановски. На крајот на октомври годинава, Куриер откри дека висок менаџер на фирмата бил отпуштен од работа за да се отвори место за „штитеникот“ на Карлос Слим- Ивановски. За тој случај сега се води судски спор пред австриските судови.

Целиот текст на Дојче Веле

Актуелно