Connect with us

Македонија

Владата немала ни информации, ни ингеренции за бонусите во ДИК

Владата, вклучително и Министерството за финансии, според портпаролот Миле Бошњаковски, немале информација околу бонусите кои биле распределни во Државната изборна комисија (ДИК).

– ДИК е независно тело, а секој буџетски корисник сам ги распределува парите во рамки на нивниот буџет. Но, потенцирам, ниту Министерството за финансии, ниту Владата немаа информација во однос на бонусите кои се исплатени – изјави денеска владиниот портпарол Бошњаковски.

Како што укажа, Владата многупати досега се изјаснила дека е потребно кратење во целост на сите ненаменски трошења на пари и непродуктивни трошоци и превенирање во иднина да не се случуваат вакви работи.

Портпаролот рече дека сè уште се подготвува анализата со која уште пред три-четири владини седници сите министерства добија задача да го достават начинот како ги пресметуваат дополнителните часови на вработените надвор од работното време.

– Целта е кога ќе ги добиеме сите овие информации да се направи еден вид порамнување или правилник, ќе видиме во која форма ќе биде направено тоа, за во рамки на Владата и министерствата во иднина да се превенираат непотребните трошења од овој тип. Но, ДИК е независно тело и Владата таму нема ингеренции – рече Бошњаковски.

Членовите на ДИК вчера одржаа седница на која потенцираа дека одлуката за надоместок за изборите за нив, за стручната служба и други ангажирани лица е законска, според член 19 од Изборниот законик и Правилникот на Комисијата. Тие истакнаа дека од распишувањето на изборите до нивното завршување за нив нема работно време, ниту празници, ниту викенди… Одлуката, според нив, е целосно оправдана и поради тоа што во одредени околности во опасност бил и нивниот живот.

На седницата беше донесен заклучок секој индивидуално да реши дали средствата што се добиени како надоместок ќе ги врати или нема. Членовите на ДИК, иако сметаат дека ги заслужиле, како што посочија, поради судот на јавноста ќе ги вратат четирите плати во буџетот или ќе ги донираат.

Актуелно