Connect with us

Македонија

(ВИДЕО) Манчевски: Модернизација и дигитализација на администрацијата приоритет во 2018

Буџетот на Министерството за информатичко општество и администрација за 2018 година изнесува 1.486.050.000 денари што е за три и пол пати повеќе во споредба со лани, а најголем дел од парите, односно 1,19 милијарди денари ќе одат за финансирање на МРТ, МРД и АВМУ, соопшти денеска на прес-конференција ресорниот министер Дамјан Манчевски.

– Со ова обезбедивме, пред сè, стабилно и независно финансирање на овие три чинители од радиодифузната дејност. Ова одржливо финансирање на МРТ ќе ѝ даде шанса за развој на автономна и независна уредувачка политика – посочи Манчевски.

Во однос на стратешките проекти со поддршка на ЕУ и други земји пријатели на Македонија, како и со делот на буџетот од развојната програма во вредност од 146 милиони и 540 денари во три капитални проекти, чија цел е модернизација и дигитализација на услугите за граѓаните и бизнисот.

Станува збор за проектот за Централен електронски регистар на населението, нов национален портал за е-услуги, кој ќе ги зголеми бројот на електронски услуги за граѓаните, како и инвестирање во нова побезбедна систем-сала каде на едно место ќе бидат сместени најголем дел од опремата на Министерството која е важна од аспект на национална безбедност и безбедност на приватните податоци на граѓаните.

Во делот на реформите на јавната администрација, истакна дека е изработена Стратегијата за реформа на јавната администрација, која треба да биде испратена до Владата пред крајот на оваа година, проследена со соодветен акциски план и буџет. Генерално фокусот во 2018, посочи Манчевски, ќе биде ставен на дигитализацијата како клучен дел на која било реформа на администрацијата во 21 век.

– Целта за модернизација и дигитализација на администрацијата не е само декларативна заложба, туку реална посветеност на Министерството. Во буџетот за 2018 планирано е тоа да се постигне преку стручни усовршувања и обуки на административните службеници, вложувања во стандарди за квалитет (ИСО) и во негово управување (ЦАФ). Развојната компонента во буџетот е проектирана оптимално во продуктивни проекти со цел поедноставни и поевтини услуги за граѓаните и бизнисот – рече Манчевски.

Тој го најави и одржувањето на Првиот ИТ самит на земјите од Западен Балкан чиј домаќин ќе биде Македонија напролет 2018 година. На самитот се очекува присуство на политички лидери од Балканот и ЕУ, како и лидери од ИТ индустријата и глобалните медиуми.

Актуелно