Connect with us

Македонија

(ВИДЕО) Интервју со Богоев: Сериозни индиции за криминал и корупција во Карпош, наидовме на минус во милионски суми

Двоцифрен минус во милиони евра оставил екс градоначалникот на Карпош во општинската каса. Градоначалникот Стефан Богоев во интервју за Ден.мк вели дека има сериозни индиции за корупција и криминал и го повика обвинителството да го утврди тоа. Вели, затекнал превработеност, воедно и презадолженост во општината. За крвавиот 27 април, кога тој беше пратеник во Собранието очекува фер судење бидејќи како што рече, за тоа се бореле 10 години како тогашна опозиција. Во интервјуто за Ден, Богоев вели дека не било убаво чувството кога по крвавите случувања сите заедно седнале во пленарната Сала во Собранието, но верува дека на оние пратеници кои ги отворија вратите на Собранието им било уште полошо.

ДЕН: Кои беа првите мерки кои ги преземавте откако застанавте на чело на Општина Карпош?

Богоев: Најпрво овде затекнавме една тешка состојба, превработеност и презадолженост на општината. Почнавме со оптимизирање на потребите на администрацијата општинска имајќи предвид дека е задолжена и превработена општината во исто време. Но она што најпрво го преземавме е чистење на општината од диви депонии, чистење од обичен смет, како и гонење на загадувачите, оние кои на отворено палат диви депонии, а и постапување по дојавите на граѓани за можни загадувачи кои не се диви депонии туку регистрирање на загадувачи. Мерење имаме на неколку локации, во Момин Поток денеска, очекуваме резултати и од таму, на тоа првично се зафативме, хигиената во општината и мерки против загадувањето бидејќи тоа е актуелно деновиве и сите го дишиме истиот воздух. Во општината затекнав и три прочистувачи на воздух, со одлука на совет денеска ги дониравме тие во градинките бидејќи сметаме дека на дечињата им е попотребно отколку на нас во општината кои сме повозрасни од нив.

ДЕН: На каква финансиска состојба наидовте, колку пари оставил екс градоначалникот Стевче Јакимовски?

Богоев: Овде се оставени пари со минус предзнак и тоа може да стигне до двоцифрена бројка во милиони евра. Бројката ќе ја имаме кон крајот на месецов кога ќе се носи буџетот за наредна година бидејќи тука ќе се делат и обврските кои ги влечеме од минатите години, сепак се работи за еден од најголемите долгови во цела Македонија. Имавме ревизија од Државниот завод за ревизија, нацрт извештајот ми го презентираа, но го чекаме целосниот извештај. Се работи за класично недомаќинско работење со сериозни елементи на корупција и криминал. Не можам да гарантирам за корупција и криминал, тоа други органи, обвинителството и судот треба да го утврдат, но се што ќе биде најдено и од ревизијата ќе биде дадено понатаму на истражување од страна на органите на прогон. Нејасно е како во една општина во која имаше најголема градежна експанзија, наместо да прибере најмногу пари од комуналии, тука имаме фактичка состојба на презадолженост што едно со друго не одат. Ќе треба и ние да истражиме, дополнително и органите на државата и органите на прогон да истражат каде отишле овие пари па сега државата е презадолжена.

ДЕН: Извршивте ли увид во ДУП-овите и имаше ли некакви пропусти?

Богоев: Секој ден вршиме увид во ДУП-овите, секојдневно излегуваат нови кукавички јајца снесени во Деталните урбанистички планови од страна на претходното раководство на општината. Овде имаме проблем кој е и законски проблем. Власта на ВМРО-ДПМНЕ преку 20 пати го има менувано законот. Најголемите измени се направени во време кога ние како тогашна опозиција го бојкотиравме парламентот и тие како комотно мнозинство правеле измени кои и тоа како го штитат инвеститорот наместо интересите на граѓаните. Ќе барам помош и од Министерството за транспорт и врски, не е исклучено одредени ДУП-ови да ги обжалиме и на Уставен суд, сепак треба и пратениците да направат измени во законот за градење и да го донесат законот кој јас и Петре Шилегов тогаш како пратеници во заминување го поднесовме заедно со други наши колеги, тоа е секаде каде што ќе се гради инвеститорот да обезбеди зеленило каде што ќе гради. Проблем настанува кога еден инвеститор има добиено право, законот го штити да му го ускратам правото, а тоа навистина ќе наштети на жителите. Се што е овде инкриминирано, се што е спорно при носењето на ДУП-ови ќе го поднесеме до судот.

ДЕН: Бевте пратеник во Собранието за време на крвавиот 27 април. Очекувате ли брзо и фер судење за крвавиот упад?

Богоев: Ние 10 години се боревме за фер судење што му следува по Устав и закон на секој граѓанин. Очекувам и апелирам да има фер судење по закон и Устав. Она што се работи за дел од мои колеги од ВМРО-ДПМНЕ кои се вмешани не значи дека ако се пратеници, се аменстираат од случајот. Напротив, за тоа и се боревме, законот подеднакво да важи за сите. Конечно сметам дека се изборивме за тоа и конечно сметам дека законите ќе важат за сите, вклучително на сите кои го организираа и помогнаа крвавиот четврток кој за жал ќе остане како најцрниот датум во историјата на независна Република Македонија. Не би сакал да верувам дека би можело да се случи нешто полошо од тоа што се случи тој ден и за среќа не се случи нешто полошо иако имаше интенција да се случи полошо. Мислам дека примарниот таргет беше Зоран Заев. По она што го видов таму и како толпата нагрна кон него, верувам дека тој беше првата цел.

ДЕН: Какво беше чувството да седнете во собраниската сала, а од десна страна седеа колегите кои го овозможија упадот?

Богоев: Чувството за мене и моите колеги не беше убаво, а верувам за нив беше уште полошо. Верувам дека тие многу се каат. Дали го знаеле сценариото однапред и свесно влегле во тоа или пак некој во моментот им рекол отворете ги вратите и дозволете толпата да влезе не знам и не можам да знам, верувам со судењето кое очекувам да биде фер ќе произлезе одговор и на ова прашање, меѓутоа верувам дека на нив им беше незгодно и непријатно кога сите заедно седнавме во таа сала имајќи предвид дека дел од моите колеги кои исто така беа пратеници од ВМРО-ДПМНЕ одлучија да ни помогнат наместо да отворат врати. За жал дел од оние кои денеска се соочуваат со кривични пријави, обвиненија, притвори и слично одлучија да го направат спротивното.

ДЕН: Очекувана ли беше за Вас оставката на Никола Груевски и кој сметате дека ќе го наследи?

Богоев: Како нормален човек во политиката сметав дека тој треба да си даде оставка во првиот момент кога Заев најави дека има нешто што за три дена ќе ја смени владата во Република Македонија, пред скоро три години. Ајде нека не биде тогаш, меѓутоа очекував оставка во првиот момент кога Зоран Заев најави дека има нелегално прислушувани разговори кои дошле од службите во неговите раце кои откриваат нелегално прислушување на над 20 илјади граѓани и дополнително откриваат криминал и корупција кои произлегуваат од содржината на снимките. Во таков момент требаше нормален човек веднаш да си поднесе оставка, меѓутоа кога е Никола Груевски во прашање, ништо не може да не изненади. Јас би гледал на оставката со задршка и се надевам дека реформаторите и оние здраворазумни луѓе во ВМРО-ДПМНЕ кои знам дека ги има ќе смогнат сили и на овој конгрес ќе си донесат лидер по мерка на членството. Тоа е работа на членството на ВМРО-ДПМНЕ не би сакал да зборувам кој треба да биде. Покрај реформска влада на Македонија ќе и треба и опозиција која гледа прогресивно за Република Македонија.

Александар Тодески

Актуелно