Куочи: КФОР е единствена армија на Косово, друга нема

Командантот на КФОР, генерал Салваторе Куочи изјави дека тие воени сили остануваат единствената армија во Косово која обезбедува мир.

– Косовските безбедносни сили не се вооружени сили, тие реагираат во случај на природни катастрофи. Тие се добро обучени за тоа, но ако косовските институции сакаат да ги трансформираат во армија, тоа е процес кој и според генералниот секретар на НАТО,треба да се направи во согласност со Уставот, смета Куочи.

Тој додава дека ако Приштина одлучи да преземе понатамошни чекори во процесот на трансформација на безбедносните во вооружени сили, тогаш треба да се разгледа ставот на НАТО кон КФОР и оти сега во Косово нема друга мисија за да гарантира безбедност.

– Сепак, идните одлуки за нашиот ангажман ќе бидат донесени од политичкото тело на НАТО, како и од 28-те земји кои ја сочинуваат мисијата на КФОР, изјави тој за „Вечерње новости“.

Според него, КФОР е успешна мисија, чија работа не е поврзана со временски рокови, туку со резултати.

– Мандатот на КФОР е заснован на Резолуцијата 1244 и мисијата продолжува да поддржува мирно, стабилно и мултиетничко Косово, оцени Командантот на КФОР.