Уставниот суд ја поништи измената на ДУП за „Мал ринг“ која ја изгласа општина Центар

Уставниот суд на денешната седница поведе постапка за дел од членот 136 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, што предвидува за обнова на постапка, откога ќе биде донесено решението на пензискиот осигуреник, да може без рок во иднина да се поведува обнова на постапка за промена на решението за пензискиот осигуреник.

Ставот на Судот е дека во правниот систем не може нешто да биде без рокови, затоа што сите постапки и во граѓанското, кривичното и управното право секогаш се со рокови.

На седницата беше поведена постапка и по иницијативата поднесена од Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ за член од Одлука за комунален ред на Општина Битола, според кој меѓу другото е предвидено во едно семејно домаќинство да може да се чуваат до две кучиња. Од Судот велат дека никаде во закон не пишува дека во едно семејство може да се чуваат само две кучиња, па според тоа Одлуката излегува од рамки.

Судот поведе постапка и за Одлуката донесена од Советот на Општина Центар – Скопје за поништување на Одлуката за донесување на изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за „Централно градско подрачје на Град Скопје – Мал ринг“ – Општина Центар донесена од Советот на Општина Центар – Скопје од март годинава.

Постапката е поведена, бидејќи Советот на Општина Центар не може да поништува урбанистички планови донесени во легална постапка.