Алаѓозоски: Екс директорка на Завод и музеј од Охрид го оштетила буџетот за 120 илјади евра

Охридскиот Завод и Музеј поднесе кривична пријава против поранешната директорка Тања Паскали – Бунташеска поради неспроведување судска одлука, со што нанела штета од околу 120 илјади евра и придонела да биде блокирана сметката на Установата.

Роберт Алаѓозовски, министер за култура денеска на прес-конференција во Охрид појасни дека поренешната директорка на Завот и Нузеј од Охрид не спровела судска одлука од декември 2009 година за отстранување ѕид зад Куќата на Уранија во Охрид што Заводот и музеј го изградил на приватно земјиште.

Сопственикот кој пред судсот го добил спорот, повел постапка за изрекување судски пенали во висина од три илјади денари дневно, но тоа не било причина тогашната директорка Бунташеска да ја спроведе судската одлука.

со одлука на судот на оштетениот му биле исплатени пенали во износ од 2,3 милиони денари.

– За жал, овде не се запрело, поранешната директорка продолжила со неизвршување на судската пресуда уште неколку години. Тужителите на 24 октомври годинава по истата пресуда за дневни пенали ја блокираа сметката на Заводот и Музеј, овојпат поради сума од над 5,2 милиони денари – рече Алаѓозовски.

Тој додаде дека Бунташеска ова го криела од Министерството и воопшто не било презентирано ниту при примопредавањето на должноста.

Обврската за уривање на ѕидот по судска пресуда е исполнета од новото раководство на Завод и Музеј на 5-ти овој месец и тоа за неколку часа и за трошок од само 30 илјади денари.

Алаѓозовски пред медиумите додаде дека Министерството веќе префрлило средства во Заводот и музеј за покривање на дел од долгот, најавувајќи дека во догледно време истиот ќе биде целосно сервисиран и на тој начин ќе се овозможи непречено функционирање на Установата.