Connect with us

Македонија

(ВИДЕО) Силвана Бонева рекордер во патни трошоци – 100 илјади евра од Собрание, 12 илјади евра од ДИК

Рекордерот во патни трошоци, Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ се најде на листата осомничени од Специјалното јавно обвинителство.

Медиумите тогаш открија дека за една година, Бонева зела 23 илјади евра за патни трошоци, но обвинителството сега октива дека со лажни фискални сметки, екс претничката „заработила“ 100 илјади евра.

– Извршената анализа според доставената документација покажува дека доколку патувањата би биле реално направени со возилото на осомничената, истата би требала да има поминато најмалку 239,928 километри, иако од прибавените докази целокупната помината километража изнесува 133,520 километри за наведениот период. Ова е дополнителен доказател дека осомничената реално не ги направила прикажаните трошоци и го довела во заблуда овластеното лице во Собранието на Република Македонија да изврши незаконита исплата на средства за патни трошоци во значителен износ од околу 100 илјади евра за надомест на патни трошоци што претставува износ на противправно прибавена имотна корист, рече обвинителката на Специјалното јавно обвинителство, Фатиме Фетаи.

Според СЈО, Бонева во тој период престојувала во Скопје, а како што велат извори на Ден од обвинителството на Јанева, тоа го докажале и броилата на струја во нејзиниот дом во Струмица и станот во Скопје.

Бонева не застанува тука. Откако со пржинскиот договор партиите даваа предлози за членови на Државната изборна комисија, таа ја напушти пратеничката функција и одлучи да ги подготвува изборите. Беше член на ДИК од декември 2015 година, а минатата недела таа, како и другите членови на комисијата поднесоа оставки.

Скандалот за високите суми кои ги земале како бонуси членовите на Државната изборна комисија, а истите ги изгласувале зад затворени врати и кога немало повикано медиуми ја раздрма „сложната дружина“ во комисијата, па членовите на ДИК еден по еден до Собранието ги доставија своите оставки.

Бонева освен високите бонуси повторно добивала надоместок за патни трошоци, највисоки од сите членови на Државната изборна комисија. За една година, таа добила 12.000 евра за патни трошоци.

Членката на ДИК во оставка се правдаше дека додека другите користеле службени автомобили, таа од Струмица доаѓала со нејзин, па добивала пари и за регистрација и одржување на автомобилот.

– За секое доаѓање на работен состанок или седница, кога сум патувала од Струмица до Скопје и обратно, исплатени се патни трошоци согласно со члн 27 втора точка од законот за плати и други надоместоци на избрани и именувани лица во РМ и одлука на ДИК, по која се исплаќаат патни трошоци за сите избрани и именувани лица од министри, пратеници, членови на различни комисии… а не само мене. Јас не користам службено возило, за кое сите трошоци за одржување, регистрација, осигурување и бензин се на сметка на ДИК, туку ми се исплаќа надоместок за одржување, бензин, амортизација на возилото од поминат километар, за седници и работни состаноци согласно закон, кој е на сила од 1990 година. Не дај Боже да ти отидат амортизерите од некои одрони или да имаш сообраќајка, се е на твој трошок од тие пари, за разлика од службените каде се е на државен трошок. За деновите кога немаме седници или работни состаноци, а доаѓам на работа, не ми се исплаќаат патни трошоци, објаснуваше Бонева за Фокус.

Инаку патните трошоци кои ги добива и оваа пратеничка гарнитура наидоа на критика од јавноста, но иако беше најавена смена на законот, ништо досега не е преземено.

Александар Тодески

Актуелно