Connect with us

Македонија

(ВИДЕО) Како Груевски убедуваше дека странски служби прислушувале во Македонија

„Македонија била таргет на прислушување од странски служби. Странски служби на Заев му дале незаконско прислушувани материјали кои се сечени, лепени и монтирани. Зоран Заев сака да направи пуч“. Вака Никола Груевски во 2015 година, како тогашен премиер го објаснуваше потеклото на незаконски прислушуваните материјали од кои прозилегоа низа случаи во кои тој е обвинет.

По објавувањето на „бомбите“, Груевски од владиниот прес центар неколку пати излезе пред медиумите и објаснуваше како сегашниот премиер, тогашен лидер на опозицијата, Зоран Заев му се заканувал со разговори кои биле „дел вистина, дел полувистина и дел невистина“, а биле „сечени, лепени и монтирани“ разговори кои ги добивал од странски служби.

Веќе на втората прес конференција, Груевски ги знаеше сите детали, како да е портапрол на МВР. Соопшти дека странските служби прислушувале од две места во Скопје и за првпат го спомена името на Зоран Верушевски, со иницијали.

– Зад снимањето стои странска разузнавачка служба чиј главен соработник во Република Македонија е лицето З.В. кој развил своја агентурна мрежа во Македонија. Во неговиот лап топ покрај останатите работи пронајдени се и транскрипти на телефонски разгоори преведени на англиски јазик пред кои стои опис на лицата кои го водат разговорот и нивните меѓусебни релации, а исто така има и политичка анализа, рече Груевски.

На новинарско прашање зошто МВР не ги соопштува резултатите туку тој, Груевски кратко одговори „Јас така одлучив“.

Со тек на времето, во прес конференциите и изјавите на Никола Груевски ги снема странските служби, а материјалите повеќе не беа ниту „дел вистина, дел полувистина и дел невистина“, ниту „сечени, лепени и монтирани“, единствено велеше „креирани“.

Денеска, Специјалното јавно обвинителство покрена истрага токму за овие „Странски служби“ на Никола Груевски. Обвинителката Фатиме Фетаи посочи дека две лица се осомничени за создавање на лажен извештај дека прислушувале стрнаски служби, а не МВР, со цел да се потврди тезата која тогаш ја зборуваше Груевски.

– Во октомври и ноември 2014 година по барање на еден од осомничените странска компанија изготвила извештај дека на подрачјето на град Скопје детектирале клонирани, односно дупли базни станици за прислушување. Ваквиот извештај требало да ја потврди тезата на поранешниот државен врв дека присушувањето го вршеле странски служби, појасни обвинителката Фатиме Фетаи денеска на прес конференција.

За постоењето на овие извештаи потврди и поранешниот коалиционен партнер на Никола Груевски, лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов, кој во Топ Тема кажа дека Груевски овие извештаи изработени од Израелска фирма им ги делел на коалиционите партнери и ги убедувал дека биле таргет на странски служби и дека масовното прислушување кое се случувало во УБК не постои.

Актуелно