„Новости“: Вучиќ и Путин постигнаа договор во четири точки

Претседателите на Србија и на Русија, Александар Вучиќ и Владимир Путин на средбата во Москав ги „избистрија“ најзначајните точки во односите меѓу двете држави, а најзначајното прашање за кое е постигната согласност е вклучувањето на Русија во дијалогот со Косово, доколку во него се приклучат и САД, наведува бечхрадскиот весник „Вечерње новости“.

Според весникот, на средбата во Кремљ се избистрени најбитните базни точки за идните односи меѓу двете држави дека Русија цврсто ќе ги застапува позициите на Белград во врска со конечниот статус на Косово, дека Москва, како производител, во принцип се согласува Србија да преговара со Белорусија за купувањето на системот за противвоздушна одбрана СВО-300, дека Белград официјално е повикан да учествува во проектот „Турски поток“ со што и се обезбедува енергетска стабилност и дека српската страна се обврзала оти и натму на меѓународен план ќе ја подржува Русија, бранејќи ги со тоа и сопствените интереси, што подразбира дека нема да и воведува санкции на Москва.

– Со овој капитален багаж Вучиќ се враќа во Белград, решен да го задржи курсот на независна Србија која самостојно носи решенија за својата иднина, констатитира „Новости“.

Според весникот, Договорот од Кремљ би можел многу бргу да одекне, бидејќи наредната 2018-та се очекува решавање на „заплетканиот косовски јазол“.

Весникот тврди дека Вучиќ директно го замолил Путин Русија да биде посредник во случај на проширувањето на форматот на дијалогот за Косово, со што се согласил рускиот претседател.

Вучиќ објаснил дека иако не е официјализирано вклучувањето на нови актери во дијалогот, Белград бара рамоправен однос по ова прашање и дека за оваа тема не можело да се дискутира порано, без зеленото светло од руските државни органи.

– Наше беше да ги прашаме Русите и постигнавме одреден договор. Секој ден албанската страна инсистира на вклучување на Американците. Тие бараат, но никој не одобрува. Ако некој каже дека и Американците мора да влезат во преговорите, ние би кажале дека ќе мора да има уште некој друг. Тоа би овозможило преговорите да бидат валидни, изјави Вучиќ во Москва.

Кремљ вчера не сакаше да ја коментира можната посредничка улога на Русија во преговорите за Косово, а портпаролот Дмитриј Песков изјави дека темата за Косово била „сериозно обработена за време на руско-српските разговори“.

– Што се однесува до Косово, поаѓаме од тоа да состојбата мора да се регулира со политички средства врз база на дијалог на двете страни во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. Ќе го поддржиме секое взаемно прифатливо решение до кое ќе дојдат Белград и Приштина, изјави рускиот претседател Владимир Путин на прес-конференцијата по средбата со Александар Вучиќ.