Connect with us

Македонија

(ВИДЕО) Заев за ПР тимот: Не се 120, ниту 40, туку за 20-тина луѓе

Премиерот Зоран Заев во синоќешното Ноќно студио на Телма рече дека е оптимист дека Македонија ќе биде наградена за својата работа и реформите со тоа што ќе добие покана за почеток на преговорите за влез во Европската Унија.

Што се однесува до спорот за името со Грција, Заев одбива јавно да коментира за да не ги загрози положбите на Македонија.

-Верувам дека ќе можеме со целосно задржување на нашето достоинство, затоа што ако го изгубим џабе е се, дека ќе се изнајде решение. Јас сум убеден дека ние заедно можеме да изнајдеме решение. Заврши времето на патриотизми, целиот свет ита напред – вели Заев.

Тој е убеден дека ЕУ ќе не прими кога ќе се доближиме со економскиот станадард. Според него, за нас тоа е прашање на живот или смрт и ја заслужуваме европската алтернатива.

Заев го пофали својот ПР сектор и рече дека не станува збор за 120, ниту 40, тука за 20-тина луѓе кои работат многу.

Тој работата на Владата ја оцени како успешна и смета дека довербата е на многу високо ниво. Финансиската состојба, според Заев е руинирана, но сепак тој е радосен што имаме успеси на меѓународен план и верува дека тоа ги охрабрува домашните и странски инвеститори. За критиките смета дека тие се здрави и треба да учиме од нив.

Тој вели дека ситуацијата која ја затекнал откако влегол во премиерскиот кабинет е пострашна отколку што очекувал.

-Како и секој човек кога ќе влезе во некоја нова работа постојат среќни околности, но постојат и разочарувања. Преку оптимизмот се пушта силна порака и се прави еден вид позитивен притисок за позитивни доживувања на секојдневието. Разочарувањата се во финансискиот концепт на државното фунцкионирање. Пострашно е отколку што очекувавме. 2018 верувам до половината ќе бидат исплатени сите тие фактури од глупостите што се правеле во Македонија. Верувам дека ќе имаат разбирање и тие што имаат побарувања од државата. Јас сум човек кој што е убеден дека Македонија може подобро да живее – вели Заев.

На коментарот дека граѓаните се потсмеваат со слоганот „Живот за сите“, Заев смета дека животот од неколку аспекти сепак е дојден.

– Нема веќе притисок врз медиумите, нема нарачани судски пресуди, нема бркање од работа, имаме транспарентна власт. Јас сум среќен со она што е досега сработено. Треба да ги надминеме партиските спреги околу нас, но сепак се политичките партии тие кои ја водат државата. Ние се трудиме секој можен капацитет кој е во државата да го искористиме. Не ја брзаме работата. Водиме една политика која мора да ја исполни конечната цел-живот за сите, не само за СДСМ. Има многу партиски луѓе кои ги водат институциите и тие имаат пристрасност кон своите колеги од партија. 70 отсто од луѓето во државата не се членови на партиите – вели Заев.

Заев вели дека Брисел со дурбин ја следи ситуацијата во Македонија, затоа што сакаат да се уверат дека работите и суштински се менуваат.

-Ние не можеме да ги излажеме партнерите од Европската Унија – вели Заев.

На прашањето дали има тенденции за нови тефтерчиња во судството, Заев смета дека веројатно има присуство на доза на клиентелизам.

-Ако почнеме да се менуваме како луѓе, така и во судството, не му треба ни на Заев , ни ка коалицијата некој што му се додворува. Ако судските одлуки се носат согласно Устав и Закон тука е суштинската реформа во судството. Ме прашаа зошто е Милева избрана. Таа е единствена од кандидатите која што има завршено Академија – вели Заев.

Според Заев, СДСМ и ДУИ немаат влијание врз изборот на судии, бидејќи тие на состаноци не се договарале за такви работи.

-Не сум сигурен дека пониските ешалони не го прават тоа, затоа велам, немојте да ги слушате. Ќе биде разрешен министер, заменик министер ако слушнам дека се обидел да влијае на судството. Ако нема независно судство, можеме да носиме колку сакаме планови 3-6-9… – вели Заев.

Заев е задоволен и од Советот за правосудните реформи, за него вели дека завршил големи работи.

-Тоа се експерти во Република Македонија. Тие експерти имаат многу предности, ама имаат и слабости како и сите ние. Преку реотварање на случаите може да се покаже дали биле политички монтирани. Треба да се препознаат и издвојат тие кои по нарачка носеле пресуди, тоа се мал дел. Друг дел се такви кои ни самите не знаат што прават таму, но огромен дел се луѓе кои делат правда – вели Заев.

Сепак, не е целосно задоволен од Министерството за правда. Смета дека треба да посветат повеќе внимание за да нема вакви реакции, како на професорката Најческа, професорот Фрчкоски, Калајџиев, Уранија Пировска, чии критики будно ги следел.

Заев за Државната комисија за антикорупција каква што е сега смета дека таа не треба да постои.

-Оваа Комисија сега е тапа џонсон, нема врска, не треба да постои. Но јас не сум Груевски за да се мешам во независни тела. Јас сум убеден дека Комисиите за избори и именувања ќе ги отворат ваквите прашања – вели Заев.

За Специјалното јавно обвинителство вели дека во иднина треба да биде дел од Јавното обвинителство, како ново одделение кое ќе ја заврши работата од својата надлежност.

За предизборните ветувања во врска со извршителите, Заев вели дека оваа недела што доаѓа или таа после Нова година, ќе се отвори дебата за рационализација до ниво на нормала во делот на трошоците за граѓаните, а тоа се медијациите.

-Кога сакате да видете транспарентни и да терате постапка независно вклучувате експерти, законите се носат преку дебата, затоа што не сакаме да создадеме власт која е затворена и најпаметна во општеството – вели Заев.

За последните коментари и случувања со Зијадин Села и Министерството за здравство, вели дека му е незгодно.

-Незгодно ми е, Села беше рамо до рамо со мене на 27 април, ама јас имам голема одговорност – констатира Заев.

За Законот за купување алкохол после 19 часот, вели дека е пуштен, но дека работата на Собранието оди бавно, имајќи го предвид однесувањето на собраниската опозиција.

За декриминализацијата на употребата на марихуана, Заев коментира дека тоа сепак не може да се случи без реформи во администрацијата. Запознаен е со практиките од странство, а го наведе Амстердам како успешен пример. Сепак смета дека за тоа да се случи најпрвин треба да има фунцкионална администрација која ќе може да го регулира употребувањето на марихуана во Македонија.

– Таму сите се опуштени, веќе нема толку разводи – се пошегува Заев за земјите во кои марихуаната е легализирана.

Спомена и дека сеењето на канабис за медицинска употреба е веќе легално што може да биде од економски бенефит за земјата.

Актуелно