Connect with us

Спорт

(ВИДЕО) Катастрофални резултати во пливањето – Квалитетни пливачи и нефункционална федерација?

Пред неполни 10 дена во Копенхаген, Данска, се одржа Европското првенство во пливање. Македонија ја претставуваа пливачите Љупчо Ангеловски, Давор Петровски, Ана Јаневска и Миа Крстевска, но за жал, сите беа на дното од финалните резулатати. Истата слика се повторува со години, а последните големи успеси на државата се речиси избришани од меморијата на граѓаните.

Но, на што се должат овие погубни резултати. Ден.мк разговараше со повеќекратниот национален рекодер, поранешниот пливач Миро Крстевски, кој вели дека резултатите на изминатото Европско првенство во Копенхаген само ги покажале сите негативности од нашата нефункционалност, неорганизираност, лошо менџирање и финансиска немоќ во врвното пливање на Македонија.

Крстевски, кој своевремено освојувал повеќе медали на балкански шампионати, бил учесник на повеќе светски и европски првенства, финалист на младински олимписки шампионат и добивал награди за спортист на годината смета дека вината не е во нашите најдобри пливачи, на кои како што вели, треба да бидеме благодарни за целиот вложен труд и желба вистински да ја претстават Македонија, туку треба да се засрамиме од односот на нефункционалноста, неорганизираноста и неспособноста во делот на активна поддршка на нашето врвно пливање.

– Нашата срамна нефункционалност ја гледам во тоа што моменталниот управен одбор е составен од наставници по физичко или тренери кои реално немаат моќ вистински да ги пратат потребите на нашето врвно пливање. Тренерите треба да бидат покрај базен, на обезбедени дообуки и остатокот од денот да го минат во изучување на новости и иновации во нивната струка за што поквалитетно да ја работат својата професија а не да се борат да бидат членови во одбори каде не се во состојба вистински да помогнат. Тоа е основната грешка во функционирањето сите овие години. Нашата срамна неорганизираност ја гледам во тоа што покажуваме континуирана неспособност да создадеме норми и правила за влез во репрезентација на долгорочен план со претходно испланирана цел кон која се стремиме и работиме. Напредок на овој план исто така е невозможен без сериозни докажани луѓе во управниот одбор на федерацијата, вели Крстевски за Ден.мк.

Вели, лошото менаџирање носи затскривање на основните проблеми во врвното пливање со некои организирања на настани со кои се залажуваат сите, како на пример државно првенство во далечинско пливање кое се плива во 25-метарски базени, прогалсување државни прваци на измислени дисциплини во страшно слаба конкуренција.

– Луѓе, немаме доволно пливачи за 50 метри слободно, а не па за вашите маратонски трки. Не ги залажувајте пливачите и родителите. Насочете се кон правите проблеми кои ги имаме. Организирајте се и заедно работете тренинзи или мерења на времиња ако ви се потребни, но не дозволувајте организација на смешни настани со кои се лажат нашите пливачи и родители а тоа подоцна се рефлектира со неуспех на меѓународен план. Во овој дел ја гледам разликата што можев јас и луѓето од управниот одбор што ги предложивме да сториме поинаку. Јас никогаш не би се осмелил да водам федерација без силен и моќен управен одбор со докажани успешни и разумни луѓе. Таму резултат нема, додава Крстевски.

Некогашниот првак раскажува дека меѓу спортските работници во пливањето било поставено и прашањето што тој и луѓето од управниот одбор на федерацијата кои биле предложени пред делегатите на Изборното собрание пред извесно време би сториле поинаку. Вели, разликата би била огромна.

– Сакам да кажам што сум сигурен дека не би направил ниту јас а со сигурност, ниту членовите на управниот одбор што го предложивме за разлика од тоа што го направи сегашниот управен одбор на федерацијата. Ние не би менувале одлуки од ден на ден околу норми за испраќање или неиспраќање на пливачи на ЕП, не би дозволиле да го пратиме тимот на европско првенство со кусок на финансиски средства и со сериозна неорганизираност која била предмет на потсмев на самото првенство, не би дозволиле да ги бараме сите финансиски средства од Агенцијата за спорт и млади и да покажаме дека како федерација и управен одбор не сме во состојба да реализираме основен дел од Програма за работа – учество на ЕП, не би дозволиле да пратиме пливачи на ЕП без да се направи сериозна анализа и разговори со стручни лица околу последиците по пливачите кои ги праќаме на така сериозен настан како ЕП знаејќи ги реалните можности на пливачите кои ги праќаме, нивната моментална форма, повреди или слично. Европско првенство не е мала работа. Сите овие работи делуваат негативно врз нашите пливачи и општо врз нашето врвно пливање, изјави Крстевски за Ден.мк.

Тој вели дека врвното пливање е загрижувачко, а потребно е носење на прогресивни норми за влез во кадетската, младинска и сениорска репрезентација врз база на постигнати Фина бодови со континуирано пратење и активна поддршка на пливачите, тренерите и нивните програми за работа.

– Во консултација со стручни лица од соседството минатата година изработив и поднесов детално образложен предлог- норми до тогашниот таканаречен одбор за пливање на федерацијата кој за жал не беше прифатен. Сметам дека само таков начин на поставени норми може да не води кон прогрес во врвното пливање. Предлогот беше да се бара норма за влез во репрезентација за кадети за било кој репрезентативен натпревар во првата 2017 година со постигнати 620 Фина бодови независно од дисциплината, за младинци 650 бодови и за сениори 680 бодови. Следната година 2018-та кадети за влез во репрезентација да пливаат 640 бодови, младинци 670 бодови и сениори 700 бодови. 2019-та година кадети 660 бодови, младинци 690 бодови и сениори 720 бодови и во олимписката 2020 година да имаме кадети во репрезентација со 680 бодови, младинци со 710 бодови и сениори со 740 бодови. Едноставно да создадеме прогрес во пливањето. Предлогот беше федерацијата континуирано да го прати и на некој начин да го вети овој напредок и неговото неисполнување да значи прогласување на неуспех на самата федерација и сносење соодветна одговорност на истата а не тоа да биде само префрлување на вина кај пливачите и нивните тренери. Тоа е патот до успехот, нагласи Крстевски.

Екс пливачот бара секој да си го сноси својот дел од одговорноста.

– Статутарно техничкиот одбор за пливање ги носи нормите и критериумите за влез во репрезентација, но нивните одлуку се гласаат на управниот одбор кој после Собранието е највисокиот управен орган во федерацијата. Последователно на тоа најголемата одговорност паѓа на управниот одбор. Управниот одбор мора да биде во состојба активно да го поддржува нашето пливање и да бележи сериозен резултатски прогрес. Резултатиски прогрес во врвното пливање е остварлив само со континуирана финансиска, материјална и логистичка поддршка на пливачите и тренерите во обавување на нивните програми од страна на федерацијата или поточно од тој фамозен управен одбор. На пример директна поддршка со обезбедување соодветни услови за тренинг, незатварање на базените во зимскиот период, обезбедување платени 3- 4 неделни подготовки најмалку 2 пати годишно од кои едните висински, бидејќи денес не постои врвно пливање без најмалку 40 дневни подготовки во текот на сезоната надвор од матичното место на тренинг, обезбедување соработки со соодветен тим на спортски доктори, нутриционисти и спортски психолози кои заеднички со стручниот тим ќе ја изготват програмата за работа на пливачот, вложување во задолжителни стручни усовршувања на нашите тренерски кадри кои мора да посетуваат семинари континуирано и да се дообразуваат и уште низа бројни активности кои треба да дадат реултат, вели за Ден.мк повеќекратниот освојувач на медали, Миро Крстевски.

Вели, со овие прашања треба да се занимава сериозна федерација која треба да има капацитет вистински да ги прати потребите на пливачите и клубовите. Основниот проблем според него е финансискиот дел и токму затоа потребен е Упревен одбор со луѓе кои се подготвени ова да го помогнат и луѓе кои може да привлечат спонзори за овие активности, луѓе кои се во можност да чукнат на вистинска врата за да се обезбеди таа потребна поддршка на нашето врвно пливање.

Александар Тодески

Актуелно