Connect with us

Македонија

(ВИДЕО) Филипче: Ќе ја спречиме кризата со лекови, ќе има и поскапи дежурства

Електронски здравствен систем, интегрирање на клиники, спречување на кризите со недостаток на лекови, едукација на лекарите, зголемување на платите и надниците на дежурствата на лекарите и медицинските сестри – Ова се дел од приоритетите на Министерството за здравство кои ги најави министерот Венко Филипче.

Надградувањето на „Мој термин“ односно создавањето е-здравствен систем (electronic health record) е еден од врвните приоритети на кој ќе се посвети бидејќи водењето на електронско здравствено досие е нешто што значително го унапредило здравството во европските земји.

– Станува збор за надградување во систем во кој се собираат сите податоци за пациентот и тие се достапни за сите здравствени институции – вели Филипче, нагласувајќи дека во земјава имаме 114 јавни здравствени институции кои се без никаква комуникација меѓу себе.

Во тој систем, медицинското досие на пациентот би требало да биде достапно во која и да е јавна установа каде што ќе се лекува пациентот. И лекарите и медицинските сестри ќе имаат пристап до одредени податоци кои ќе им се потребни во работата, а поврзан со системот ќе биде и Фондот за здравствено осигурување. Овој систем министерот очекува да се имплементира до крајот на 2018 година.

– Ќе се ревидира и врементраењето на прегледот во „Мој термин“. Колку ќе трае прегледот ќе договараме со директорите на клиниките бидејќи за секоја струка е потребно различно време да се изврши преглед – посочи министерот.

Исто така, лекарите ќе имаат и административни помошници кои ќе ги им вршат внесувањето на податоците во системот и другите административни обврски со цел, како што рече Филипче, тие да може да му се посветат само на пациентот.

Кога станува збор за вработувањата и платите, министерот најави дека се обезбедени пари да се вработат 348 специјализанти кои ќе земаат просечна плата како што зема еден лекар по општа медицина. Покрај зголемувањето на платите од пет отсто од втората половина на 2018, тој најави дека ќе се зголемат и сумите кои лекарите и медицинските сестри ги добиваат за дежурства.

– Обезбедени се средства за да се зголеми цената на дежурствата за докторите и сестрите. Дежурство во обичен ден во моментов изнесува од 900-1.340 денари, а со зголемувањето тоа ќе се плаќа од 2.500-3.000 денари. Викенд дежурствата, пак, од 2.800 ќе се зголемат на 4.000 денари – изјави Филипче.

Тој најави и подобрување на системот на работа на патронажните сестри односно посетите по дома со што би требало да се зголеми искористеноста на болничкиот кревет која во моментов, според него, е 60 отсто.

– Пациентите кои се со кардиоваскуларни заболувања и дијабетичарите нема потреба да бидат сместени во болнички услови ако се подобри системот на патронажни сестри – вели Филипче.

За кризите кои се јавуваат со лекови за ретки болести најави дека ќе се прават реформи за тие да не се повторат повеќе.

Моментално за ретките болести има лекови, а на почетокот на 2018 ќе се распишаат и тендери.

– Веќе почнавме со подобрување на законската регулатива. Сакаме ако треба и тендерите за набавка на лековите да се распишуваат за подолг период наместо за една година, но и да се распишуваат одреден период пред да се направи набавка за да нема недостаток и да не повтори кризата – изјави Филипче.

За инсулинската криза, пак, посочи дека таа не постои благодарение на донација од една фирма производител.

Интегрирање на клиниките, според најавите, ќе биде уште еден сегмент на кој ќе се посвети Министерството за здравство. Еден таков пример е со детската кардиохирургија која е планирано да се премести во Клиниката за кардиологија бидејќи таму ја има целата потребна инфраструктура и опрема.

Примери за можни интегрирања, најави и во болниците во внатрешноста. Пример, во Кочани, како што рече министерот, во еден двор се и болницата и здравствениот дом, а во Гевгелија и Дебар се дури и во една иста зграда, а имаат различни директори. Нивно интегрирање во една се очекува да ги зголеми и ефикасноста и да ги намали финансиските трошоци.

Оние чие реновирање е во тек, болниците во Штип, Струмица и Охрид, ќе заврши во 2018 кога ќе се започне и со нивно опремување.

Актуелно