Connect with us

Македонија

Буџетот на Град Скопје за 2018 помал за 10 проценти, повеќе пари за животната средина

Вкупниот буџет на Град Скопје за идната година е проценет на 6 милијарди и 200 милиони денари. Скратени се непродуктивните трошоци, а повеќе средства се одвоени за заштита на животната средина.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов денеска на прес-конференција посочи дека Буџетот за 2018 година е помал за 10 проценти од годинашниот Буџет што се должи на скратувањето на непродуктивните трошоци. Буџетските средства ќе се користат наменски и транспарентно, а ќе бидат наменети за реализација на проекти за заштита на животната средина, за подобри услови за велосипедистите и пешаците, подобрување на хигиената во градот и јавниот превоз.

– Буџетот за 2018 година е еден сублимат на веќе започнати и затекнати работи во градот коишто не можевме да ги игнорираме, но и започнување на еден сосема поинаков концепт. Проектите ќе значат подобри сервисни услуги за граѓаните, подобри услуги за велосипедистите и пешаците и решавање на повеќегодишниот наталожен проблем со кучињата скитници. Проекти во кои граѓаните и нивните интереси ќе бидат наш врвен приоритет, рече Шилегов.

Планирани се капитални проекти во делот на животната средина од вкупно 4,2 проценти од основниот буџет на градот, 30 милиони денари за велосипедски патеки, односно тројно повеќе средства од буџетот за 2017 година. Ќе бидат одвоени и 10 милиони денари за изградба на зелени покриви и 1,6 милиони денари за обука на оџачари бидејќи во моментот во Скопје има само осум едуцирани оџачари.

Следната година ќе продолжи и субвенционирањето на печки на пелети за што ќе бидат одвоени 15 милиони денари и субвенционирањето за набавка на велосипеди за кои од Буџетот на Град Скопје ќе се потрошат 10 милиони денари. За набавка на инвертери за затоплување ќе бидат обезбедени 10 милиони денари.

Првата половина од 2018 година, како што најави скопскиот градоначалник, ќе биде посветена на планирање за патната инфраструктура во Скопје и нема да се започнува со реализација на проекти се додека не се направи добро планирање бидејќи според Шилегов, доброто планирање е 90 проценти од добро завршената работа.

Планирани се и двојно повеќе средства за училиштата кои се под надлежност на Град Скопје, како и средства во висина од 18 милиони денари за бесплатен превоз на средношколците во Скопје. За 2018 година планирано е и сите училишта кои се под надлежност на градот да добијат енергетко-ефикасни фасади. За набавка на прочистувачи на воздухот во сите средни училишта ќе бидат обезбедени 12 милиони денари.

За проблемот со кучињата скитници ќе бидат одвоени 10 милиони денари за реконструкција на стационарот Вардариште, а ќе биде изготвен и регистар на домашни и кучиња скитници.

Ќе се субвенционира и набавката на еко автобуси во ЈСП во висина од 100 милиони денари.

Актуелно