Connect with us

Македонија

(ВИДЕО) Ќотек за пратеници, притвор за насилници, бонуси во ДИК – Што ја одбележа 2017 година

Еден влезе друг си замина – Илинденска број 2 по 11 години доби нов станар. По долга политичка битка, „бомби“, СЈО и конечно избори во декември 2016 година, и по неуспехот на Никола Груевски во јануари 2017 година да состави влада, опозиционерот со голема волја и визија седна на премиерското столче. Сепак, тоа не одеше толку лесно.

Долгите преговори на Али Ахмети и централното претседателство на Демократската унија за интеграција, преговорите на партиите на албанците во Македонија беа само почеток, а откако ДУИ пресече дека ќе коалицира со Зоран Заев, претседателот Ѓорге Иванов, чија аболиција ја обележаа 2016 година одлучи да ја обележи и 2017 година – направи преседан, па бараше од Заев тој да му даде гаранции дека нема да ги наруши Уставните одредби и нема да ја прифати „Тиранската платформа“.

Месеците течеа, а откако Заев даде писмена, а потоа и усна гаранција, Иванов конечно му го додели мандатот. Предлогот за нов претседател на Собранието потпишан од пратениците од СДСМ и ДУИ ситгна до претседавачот Трајко Вељаноски, кој пак им дозволи на неговите сопартијци бесконечни и исцрпувачки реплики, контрареплики и процедурални. ВМРО-ДПМНЕ речиси и да ја запоседна Собраниската говорница, се до оној 27 април, кога новото мнозинство одлучи по завршувањето на седницата истата да ја продолжи преку најстариот пратеник, по што го избра Талат Џафери за нов претседател на законодавниот дом.

Тензијата се чувствуваше речиси целиот ден, се пееја химните на Македонија и Албанија, а по изборот на новиот претседател, додека тој и тогашниот кандидат за премиер во прес центарот говореа пред камерите, граѓани со помош на неколкумина пратеници влегоа во законодавниот дом и се упатија кон прес центарот, каде со часови крвнички ги тепаа пратениците. Се користеа стативи за камери, столчиња, тркалца од собраниските столчиња и шипки, а се удри и по некоја шлаканица. Кога конечно полицијата изреагира, пратениците и медиумските работници кои беа насекаде низ собранискиот лавиринт полека се евакуираа. По овој удар врз демократијата, опозициските пратеници речиси и да се повлекоа, а неколку месеци подоцна, односно на 1 јуни, Зоран Заев седна на премиерското столче.

Се распишаа и локалните избори. Градоначалничките места ја обоија во сино политичката мапа, која на претходните локални избори беше речиси целосно црвена. Изборите широко ги отворија очите на опозицијата дека нешто е труло во нивните редови.

Паднаа и притвори за упадот во Собранието, триесетина на број – меѓу нив и шест пратеници. Крсто Мукоски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски и Сашо Василевски се најдоа меѓу осомничените за Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. На протести повика Никола Груевски, но поддршка му дадоа одвај триесетина граѓани.

По катастрофалните резултати на изборите и уште покатастрофалниот одзив на протестите, Никола Груевски најави оставка. Трката за негов наследник беше далеку од фер, некои би рекле, огледало на изборите кои ги спроведувала неговата влада, а изборот беше јасен – или неговиот миленик, Христијан Мицкоски, или никој друг. Токму овој начин на избор направи превирање во опозициската партија. Некогашните блсики соработници на Груевски, оние кои беа најгласни во медиумите тргнаа жестоко против него, а зад нив застанаа голем број пратеници и дел од основачите на партијата.

На почетокот на минатата година се појавија и реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ, кои побараа демократизација на партијата. Поддршката внатре во партијата се зголемуваше секојдневно, но сепак, тие не предложија кандидат за наследник на Груевски. На крајот на годината пак, од опозициската коалиција си замина големиот поддржувач на екс лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и лут противник на Заев, Амди Бајрам, кој рече дека ќе ја поддржува власта но ќе делува независно.

Оваа година беше година и на Специјалното јавно обвинителство, во која на обвинителна клупа седнаа голем број од осомничените, а паднаа и првите пресуди. Првите пресуди беа за бегалците Горан Грујевски и Никола Бошковски, кои откако ќе бидат екстрадирани од Грција, каде во моментов се во притвор бидејќи беа фатени со лажни пасоши, во Македонија ги очекува затворска казна. Двајца обвинети за Шамарите во центар пак, кои признаа вина, добија условни казни.

Судството во меѓувреме почна да се менува, а Кривичниот суд конечно доби нов претседател – судијата Иван Џолев. На чело на Јавното обвинителство, од каде беше разрешен омиелниот обвинител на претходната власт, Марко Зврлевски, застана Љубомир Јовески, еден од замениците на Зврлевски кој по изборот вети независно обвинителство.

Граѓаните го кренаа гласот и по обелоденувањето на американскиот амбасадор Џес Бејли дека членовите на Државната изборна комисија си доделиле бонуси во огромни суми, нешто што тие го бранеа со изговор дека за време на изборите работеле деноноќно. По бунтот од страна на граѓаните, членовите на ДИК си поднесоа оставки.

Бурната, но и полна со промени 2017 година замина. Останува да видиме што ни носи новата 2018 година. Редакцијата на Ден.мк ви посакува успешна и мирна нова година, полна со љубов и хармонија.

Актуелно