Connect with us

Македонија

„Нека трепка од среќа“ – 2GB интернет за нова година, за „глобалниот проблем“ нема намалување во сметката

Вип ги „изненади“ своите корисници со 2 GB дополнителен интернет кои имаат важност до 31 јануари. Од таму наведуваат дека „сите припејд и постпејд мобилни корисници во првиот месец од годината добиваат подарок дополнителен интернет пакет, а со тоа и уште поголема можност за слободна мобилна интернет комуникација“.

Сепак, од таму не даваат и одговор зошто корисниците ја плаќаат целосната сума за декември иако поради „глобален проблем“ корисниците останаа без мрежа повеќе од половина час, а интернет немаше повеќе од три часа.

Од операторот тогаш излегоа со соопштение во кое кажаа дека имале проблем, но дека сите услуги се вратени во функција. Наместо некакво обештетување за граѓаните кои останаа без услугите повеќе од три часа, на крајот на краткото соопштение пишуваше: „На сите корисници се извинуваме и благодариме за трпението и разбирањето“.

Укинување на канали

Агенцијата за електронски комуникации нагласи дека поради укинување на дел од програмите, граѓаните можат да ги раскинат договорите без да плаќаат пенали. Освен за Вип, тоа се однесува и за Телеком, операторите кои од 1. јануари си ги заменија „Дискавери“ и „Еуроспорт“ со други канали.

„При склучување на договорот операторот се обврзува да му ги гарантира на корисникот каналите кои ги нуди во моментот на негово склучување. Доколку дојде до ваква ситуација, да се укинат канали тогаш корисниците можат слободно да побараат раскинување на договорот без да платат пенали. Прво можат да се обратат до операторот и доколку не им биде одговорено треба да поднесат приговор во АЕК. Ние ќе им издадеме решение дека операторот го прекршил договорот и претплатникот може во секој момент да го раскине“, велат од Агенцијата за електронски комуникации.

Изминативе три дена голем број граѓани реагираа на исклучените канали, велејќи дека клучен фактор за склучување на договорот со операторот биле спортските канали.

До сега во АЕК се стигнати 48 приговори по овој основ, а од таму очекуваат кон крајот на месецов бројот да биде поголем.

„За два работни дена оваа бројка е голема. Очекуваме после 20 јануари да имаме поголем број приговори бидејќи корисниците најпрво приговор поднесуваат до операторот, па ако не им биде позитивно одговорено се обраќаат кај нас“, рекоа од АЕК.

Актуелно