Дачиќ: Не чекаат тешки разговори за Косово

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ изјави за Блиц дека оваа година Србија ја очекуваат тешки разговори за трајно решение за Косово.

– Треба да се сочуваат државните и национални интереси во услови кога постојат големи притисоци, условувања и уценувања дека со тоа ќе се успори нашиот европски пат – изјави Дачиќ.

Според него, големите западни сили не се пријатели туку партнери, но не верува дека е неможно да се најде со нив заеднички интерес. Тој вели дека државата треба со сите да соработува, но постои голема разлика во однос на пријателите и оние кои се во групата на пријатели на Косово.

– Ако нема почитување на српските интереси нема ни да има трајно решение за Косово. Ако некој мисли да се согласиме на едностран акт кој е веќе донесен, мислам дека тоа се целосно нереални очекувања – нагласи тој.

Дачиќ смета дека меѓу Србите и Албанците мора да се најде компромис и оти не е реално крајот на оваа година да биде термин кога треба да се очекува решение за прашањето за Косово. На Приштина и порача дека нема решение без договор со Белград.

– Разберете дека нема решение без договор со Белград на кој никој не може да направи притисок, да се согласи со решение кое не е во согласност со српските интереси. Ако мислат спротивно, тие не го познаваат српскиот народ – изјави Дачиќ.