Екс директорот на МРТ на распит за злоупотреба на средства

Специјалното јавно обвинителство, според созанија до кои дојде „ПРАВОСУДСТВО.МК“, отворило предистражна постапка за лицето Ефтим Гаштев, поранешен директор на „Македонската радио и телевизија“, пишува Правосудство.мк.

Сознанијата на порталот велат дека од Гаштев се очекуваат одговори за проневерени стотици илјади евра, коишто биле потрошени за изработка на документарни филмови.

Засега нема потврда дали станува збор за средства за кои, уште во март 2012 година, говореше тогашниот пратеник Емилијан Станковиќ, кога преку институтот пратенички прашања обвини дека Владата на Никола Груевски потрошила милион евра за документарен филм.

„Ги ангажиравте ‘Револушн 1 и 2’, две продукции, блиски до поранешниот директор на МРТВ, Ефтим Гаштев, осомничен за милиони евра тежок криминал. Овие две продукции, на Ефтим Гаштев, добиле скромни 170.000 евра.“, обвини Станковиќ од пратеничката говорница, иако за Груевски, во целиот случај, немало ништо незаконско, а настапот на пратеникот го оцени како „бомбастичен“.

Дали се работи за средствата за коишто говореше пратеникот Емилијан Станковиќ или за некои сосема други документарни филмови и пари допрва ќе се истражува, но останува констатацијата дека Ефтим Гаштев е под „лупата“ на СЈО кое, пак, истражува нов коруптивен случај тежок стотици илјади евра.

Целиот текст на Правосудство.мк.