Connect with us

Македонија

(ВИДЕО) Здружението на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин најмногу се офајдило од претходната власт

Здружението за обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин е здружението кое најмногу се офајдило од претходната Влада. Името на ова здружение може да се најде во добитниците на грантови во 2012, 2013, 2014, 2015 и 2016 година, а беше и на листата добитници на грантови од техничката влада, оние кои генералниот секретаријат на новата влада ги стопираше по доаѓањето.

Во 2012, Здружението од државата за проектот „Афирмација на етничкиот, јазичниот, културниот, верскиот и историскиот идентитет, континуитет, наследство и простор на Македонците“ земало 300 илјади денари од државните грантови за невладини организации. Сите пари ги потрошиле на патни трошоци, а дополнителни 23.415 денари потрошиле за „Други директни трошоци“.

Во 2013, Здружението на Ташко Јованов повторно добило 300 илјади денари, народни пари. Проектот е со ист наслов, „Афирмација на етничкиот, јазичниот, културниот, верскиот и историскиот идентитет, континуитет, наследство и простор на Македонците“, а овој пат не пишале за што ги трошат парите.

Здружението за обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин во 2014 година повторно добива 300 илјади денари за идентично насловен проект. Државните пари кои ги добиле, според образложението ги потрошиле на следниот начин: 128.827 денари за патни трошоци, 125.405 денари за специфични трошоци и 23.593 за други трошоци. Здружението во објаснувањето има напишано дека потрошиле 31.877 денари „сопствени пари“.

Во 2015 година, истото Здружение на истата тема, „Афирмација на етничкиот, јазичниот, културниот, верскиот и историскиот идентитет, континуитет, наследство и простор на Македонците“ повторно зема 300 илјади денари од државните грантови. Овој пат, сите пари ги трошат за патни трошоци, но додаваат и 165.387 денари „сопствени пари“.

И во 2016 година, Здружението на Ташко Јованов повторно добива државен грант тежок 300 илјади денари. Парите ги трошат повторно за патни трошоци, а овој пат додаваат сопствено учество од 233.514 денари.

Ова Здружение освен што секоја година добивало грантови од државата, минатата влада на користење и додели деловен простор и автомобил Ауди А4. Деловниот простор кој го користеше во скопски Аеродром есенва и беше одземен од владата, но и без тоа, тој беше празен – никој од здружението не го користел.

Во годините кога ги добиваше овие пари, здружението се најде како донатор на неколку споменици.

Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин ги донираше споменикот на генерал Михајло Апостолски, кој е поставен кај клучката „Континентал“, потоа контроверзниот споменик на Андон Ќосето кај Судска палата, споменикот на Ѓорѓи Сугарев кај комплекост факултети, а донација на Здружението се и спомениците на Никола Петров Русински и на Пере Тошев поставени во близина на Универзитетската библиотека, споменикот на Света Лидија, кој е поставен кај плоштадот Богородица и споменикот Децата бегалци од Егејска Македонија, кај хотелот „Холидеј ин“.

Претседателот на здружението, Ташко Јованов на 2. ноември 2017 година во изјава за ТВ Телма негираше дека ги донирал спомениците наспроти претходните тврдења дека тој и неговото здружение ги донирале за проектот „Скопје 2014“.

– Друг донира, од дијаспората донираат. Тие плаќаат на оние што ги прават спомениците, кај нас финансиски средства не доаѓаат. Не можам да кажам кој, тие донираат, нас не не интересира. Немаше легнато пари кај нас воопшто, рече тој.

Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин не ја крие ниту својата партиска определба. На 8. ноември 2016 година, претседателот Ташко Јованов во име на здружението потпиша Меморандум за соработка со ВРМО-ДПМНЕ, како поддршка за изборите во декември 2016 година.

Александар Тодески

Поврзано:

Актуелно