„Глумење“ Извршен комитет – Мицкоски не успеа да се ослободи од Груевски

Новиот партиски врв на ВМРО-ДПМНЕ е по теркот на Никола Груевски, обвинуваат членови на партијата. Генералниот секретар, потпретседателите и Извршниот комитет на партијата не донесоа нови лица, туку старите во „ново руво“, обвинуваат партиски членови.

За генерален секретар на партијата е поставен Игор Јанушев, екс директор на ЈСП назначен од Никола Груевски. Потпретседатели се градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, Александар Николовски, поранешен пратеник и незаконски избран амбасадор во Брисел и Владо Мисајловски, кандидат за градоначалник на локалните избори и екс министер, сите кадри на Груевски.

Партиски функционер од ВМРО-ДПМНЕ за Ден.мк вели дека и Извршниот комитет е во духот на „Груевистичко ВМРО-ДПМНЕ“.

„Тука нема ништо сменето. Владимир Нелоски, Даниела Рангелова, Игор Николов, Трајко Славевски, Драги Димитриевски, Влатко Ѓорчев, Силвана Ангелеска, Тони Михајловски, Димитар Димовски, Дафина Стојаноска, Златко Перински, Коце Трајановски, Дејан Јовановски, Дејанчо Ефтимов, Цветан Трипуновски, Игор Божиновски, Костадин Богданов, Ане Лашкоска, Бајрам Требишки, Иван Јорданов, Кирил Пецаков и Орце Ѓорѓиевски, сите се лица претходно избрани од Груевски, вели функционерот за Ден.мк.

И додека Христијан Мицкоски ветуваше измени и освежување на партијата, се чини дека уште не е подготвен да се осамостои и да донесе свои, вистински нови кадри во партиските комитети. Како што вчера објави Ден.мк, и овој одбор, како и наредните „промени“ што ќе се случуваат, ќе бидат по терк на екс лидерот.

Според партискиот функцонер, и менувањето на Статутот е во насока на измама на членството дека тие стануваат подемократска партија, а всушност промените се речиси невидливи.