Кинеските власти урнаа монументална црква

Кинеските власти урнаа монументална црква во северниот дел на земјата, јави весникот „Глобал тајмс”.

Здружение за заштита на христијаните, упати критики поради овој потег, оценувајќи дека е направено во стилот на „Исламска држава“.

Владејачката Кинеската комунистичка партија гледа со недоверба на секое организирано движење кое има опасност да излезе од нејзината контрола, особено религиозните организации, констатира АФП.

Монументалната Евангелистичка црква Жиндинтај (Златен светилник), целата сива, со мали кули и голем црвен крст, се наоѓала во градот Линфин, во провинцијата Шанси.

Таа била урната во рамки на општинската кампања за отстранување на нелегални градби, прецизира претставник на градските власти, кој побарал да остане анонимен.

Според него, некој христијанин донирал земјоделски имот на локалната христијанска асоцијација и таа таму тајно изградила црква, објавувајќи дека гради магацин.

Тој вели дека властите ја запреле изградба во 2009 година, а многу од членовите на христијанската асоцијација се уапсени.

Боб Фу, претседател на групата за заштита на верските права Чајна Еид (China Aid) со седиште во САД изјави денеска за АФП дека „рој воени полицајци биле мобилизирани и ја уништиле градбата со експлозиви поставени под црквата”.

– Тоа гонење е во духот на Исламската држава и талибанците, истакна тој, прецизирајќи дека оваа Евангелистичката црква била дом на околу 50.000 верници.

Храмот бил уништен „најмногу затоа што одбивал да се регистрира”, посочи Боб Фу.

Официјално признатите религии во Кина (католицизам, протестантизам, ислам, будизам, даоизам) се подложени на строга контрола.

Во Кина има 5,7 милиони католици и 23 милиони протестанти, според официјалните статистички податоци од 2014 година. Во овој број не се вклучени десетици милиони членови на непризнаени цркви, претежно протестантски.

Десетици неофицијални цркви биле уништени во последните години во Кина.