Анализа: Каматите на кредитите „долги“ како нов автопат, секоја година

Владата обезбеди евтин извор на пари со кои ќе ја крепи буџетската ликвидност, но во исто време, според дел од економистите, новото задолжување од 500 милиони евра преку еврообврзница е тест за домаќинското работење и менаџирање со јавните пари.

Дел од експертите сметаат дека сега клучни прашања ќе бидат како и за што ќе се трошат парите, пишува економската анализа на Portalb.mk. Предвремената отплата на една третина од еврообврзницата земена во 2015 година се оценува како позитивен чекор.

Во моментов, според задолжување преку еврообврзници, Македонија должи 1,6 милијарди евра. Целосно се исплатени две еврообврзници, онаа од 2005-та година во износ од 150 милиони евра и онаа од 2009-та година во вредност од 175 милиони евра. Очекувано беше Владата да издаден нова, шеста по ред еврообврзница, најавена уште со Буџетот за 2018 година, коментираат економистите, но сметаат дека клучно прашање сега е за што ќе се троши половина милијарди евра.

– Прва добра позитивна страна е што еврообврзницата е со ниска цена на трошок. Добро е и оправдано тоа што стар кредит со повисока камата, односно една третина од еврообврзницата во 2015 година, предвреме ќе се раздолжи со задолжување со пониска камата, со што ќе се направи и заштеда по основ на трошоци за камати. Познато е дека околу 100 милиони евра ќе се потрошат за оваа намена, уште 100 милиони евра за исплата на прва досепана рата од друг кредит, уште 150 милиони евра ќе завршат за финансирање на буџетски дефицит. Остануваат уште 150 милиони евра, кои Владата би требало да ги чува, како логистика за ликвидност, односно како резерви – вели универзитетскиот професор и еден од поранешните министри за финансии Никола Поповски.

Новиот заем внимателно ќе се менаџира и троши, Македонија постигна успех со историски најниска камата за еврообврзница, а фактот дека интересот беше седум пати поголем од понудата, говори дека земјава влегува во стабилна политичко-економска зона, смета министерот за финансии Драган Тевдовски.

– Парите од обврзницата нема да се користат за споменици и за жални врби, туку ќе се користат главно за покривање на буџетскиот дефицит. Ќе се користат за повисоки плати и инвестиции во образование и здравство, за поддршка на домашните и странските претпријатија, за зголемување на средства во одбраната, заради прилближување до НАТО стандардите, и за капитални инвестиции – изјави министерот за финансии Драган Тевдовски.

Министерот посочи и дека со двојно пониската каматна стапка за оваа еврообврзница, во споредба со претходната, државата заштедила по камати во вкупен износ од околу 90,6 милиони евра.

– Со оглед на тоа што со еврообврзницата враќаме речиси 200 милиони евра претходно наталожени долгови, нето задолжувањето со оваа еврообврзница изнесува околу 300 милиони евра. Особено сакам да му се заблагодарам на гувернерот на НБРМ Димитар Богов, со кого заедно пред меѓународните инвеститори ги претставувавме перспективите на македонската економија – вели Тевдовски.

Сепак, дел од економистите велат дека е потребна зголемена внимателност за менаџирање на задолжувањата.

– Не е важен трошокот на заемот, туку намената. Клучно прашање е за што ќе се трошат парите, за повисоки пензии, за лепачи на плакати, за партиска војска во администрација? Само да потенцирам дека во моментов само по основ на затезни камати Македонија исплаќа по еден автопат од 60 до 70 километри годишно, и тоа ако зборуваме за задолжувања на централно ниво, без вклучени заеми на јавни претпријатија и на општини, што секако и тие се дел од државата, односно државниот апарат. Од ова што сега го знаеме, 180 милиони евра завршуваат за отплата на долгови, што ќе се прави и како ќе се потрошат останатите 320 милиони евра е клучното прашање – вели економистот и прв човек на Асоцијацијата на менаџери, Зоран Витанов.

Од Институтот за економски истражувања и политики Finance think сметаат дека износот на задолжувањето е во рамки на годинешните буџетски потреби и заедно со депозитите на Владата во НБРМ во износ од 360 милиони евра се обезбедува вкупна буџетска ликвидност од задолжувања во износ од 860 милиони евра, што треба да овозможи финансирање и по 2018, под претпоставка дека проектираниот буџетски дефицит нема да се пробие. Постигнатата камата за еврообврзницата се оценува како поволна, а потегот за предвремна отплата на поскапо задолжување како коректен потег. Од економскиот институт забележуваат на отстуство на јавна дебата и бараат одговрои за намената на заемот.

– Finance Think остро се спротивставува на понатамошното користење на флоскулата „средствата од еврообврзницата ќе се користат за буџетски потреби“. Разбирливо е дека во техничка смисла, овие средства ќе се слеат во буџетот и ќе се користат за намирување на обврските како што тие доаѓаат. Но, во концептуална смисла, граѓаните мора да знаат за што се трошат нивните пари, и особено парите од високи задолжувања како ова. По одбивањето на износот што ќе се искористи за враќање стар долг, Владата мора јасно да комуницира со јавноста за што ќе се потрошат преостанатите пари. Тоа е поврзано со итната потреба да се отвори широка општествена дебата за капиталните инвестиции, нивната приоритизација и пресметка на корисноста за економијата – велат од Институтот за економски истражувања и политики.

Според последните расположливи податоци од Министерството за финансии, на крајот на септември минатата година јавниот долг на Македонија изнесува 4.69 милијарди евра или 45.8 отсто од бруто домашниот производ.