Автобуси од цела Грција на пат за Солун на протестот против името

Протестен митинг под мотото „Македонија значи Грција“ ќе се одржи денеска во Солун во 14 часот. Грчките медиуми јавуваат за голем број автобуси што се тргнати кон Солун, на протест против употребата на терминот „Македонија“ во името на нивниот северен сосед.

Демонстрациите ќе почнат пред Белата кула, каде што се очекува да пристигнат 500 автобуси од различни делови на Грција. Полицијата проценува дека ќе има околу 30.000 демонстранти.

На митингот ќе зборуваат Стергиос Калогирос (бизнисмен, сопственик на ЗЕУС Тесалија, Вергина Македонија и на неколку ТВ-станици, инаку близок човек на Самарас), Костас Караискос (шеф на општинската граѓанска организација Спартакос од Комотини и шеф на „Антифонет“), Андреас Кефалојанис, поп од Крит, Никос Лигерос, професор, и Фрагулис Франгос (поранешен министер за одбрана и началник на ГШ на грчката армија).