Атина очекува напредок кон решение од средбата Заев – Ципрас

На средбата Заев – Ципрас во Давос, очекуваме да се направи напредок во насока на изнаоѓање на едно взаемно прифатливо решение, изјави портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос.

Ѕанакопулос на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави диписникот на МИА од Атина, кажа дека сите прашања поврзани со разговорите за името и иредентизмот ќе се најдат на агендата разговори меѓу македонскиот и грчкиот премиер во среда во Давос.

– Во изминатиот период, постоеја изјави, излагања и од двете страни и од страна на грчката влада и од страна на владата на поранешната југословенска Република Македонија кои ги менуваат, особено вторите, ги менуваат иредентистичките излагања од минатото и покажуваат една исклучително интензивна и искрена, според нашето мислење, волја за да се најде едно взаемно прифатливо решение. И токму ова ќе биде рамката во која ќе се одржи и средбата со господинот Заев на 24 јануари во Давос. Се надеваме дека за време на оваа средба ќе се постигне вистински напредок кон изнаоѓање решение, рече Ѕанакопулос, пренесува МИА.

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали на средбата, грчкиот премиер ќе побара некакви конкретни чекори на добра волја од неговиот македонски колега, како на пример промена на уставот и иредентизмот, портпаролот на грчката влада вели дека сите овие теми се јадро на преговорите.

-Разговараме за сложено име со географска или временска одредница ерга омнес. Ерга омнес, треба да ви кажам, дека ја вклучува и самата соседна земја, во спротивно немаше да биде кон сите, туку ќе беше само кон некои и секако во јадрото на преговарачките позиции на нашата земја е вклучено и отстапување од секаков вид на иредентистичка перспектива, изјави портпаролот на грчката влада, објаснувајќи дека двајцата премиери ќе разговараат токму за овие прашања.