Connect with us

Македонија

Фркациите задушени од челниците – Колку „гласните“ се покорија пред лидерите

Гласни на почетокот, задушени на крај – вака функционираат фракциите во македонските политички партии. Фракциите, реформаторите и преземачите на партии полека се покоруваат на лидерството и се сместуваат во сигурните партиски позиции, иако претходно гласно се спротивставуваат на насоката во која тргнала партијата.

Во изминативе години јавноста се изнаслуша за внатрепартиски фракции, но оние, последните, се чини дека беа најкраткорочни. Дел од нив се уште го испуштаат последниот крик на бунт, дел од нив пак, наеднаш станаа задоволни од партијата.

Фракција Единство во Левица

На 22 декември 2016 година, Марјан Ненов и уште неколку членови на Левица ја најавија фракцијата Единство. Тие рекоа дека се незадоволни од патот по кој тргнала новофрмираната партија и дека ќе се борат партијата да се врати на патот по кој тргнала. Сепак, тоа беше единствена прес конференција и воопшто излегување во јавноста на фракцијата.

Ден.мк го контактираше Ненов, кој изјави дека фракцијата е активна, но не делува јавно. Вели, превирањата почнале за време на преговорите дали да се коалицира со владејачката СДСМ или да одат самостојно на изборите, кога всушност биле изнесувани лажни изјави од страна на дел од преговарачите.

– Во фракцијата е вклучен добар дел од членството. Почна со незадоволството од одлуката да се оди самостојно на избори, кога осетивме дека има луѓе инфилтрирани од страна на ДПМНЕ. Одредени луѓе кои беа на преговори со СДСМ искажаа неточни работи, дека СДСМ не понуди ништо, имаше направен обид да се направи саботажа. Ние како фракција делуваме во позадина. Сите во таа фракција сме со дисциплински постапки. Тоа е работа на Димитар Апасиев. Ставија луѓе блиски до ДПМНЕ и не исклучија или ни го замрзнаа членството, со напомена дека немаме право да зборуваме во име на Левица. Има околу триесетина вакви постапки, вели Ненов за Ден.мк.

Реформатори на ВМРО-ДПМНЕ

Веднаш по изборите во декември 2016 година, на политичата сцена настапија „реформаторите“ на ВМРО-ДПМНЕ, кои побараа оставка од тогашниот лидер Никола Груевски. Тие подоцна беа придружувани од повеќе партиски членови како и од ветераните на партијата.

По неколкуте прес конференции и тие полека почнаа да се повлекуваат. Во декември годинава пак, по изборот на Христијан Мицкоски, за кого речиси сите беа согласни дека ќе работи под голема контрола од Груевски, тие станаа задоволни членови на партијата.

„Во целост го поддржуваме процесот на изменување и дополнување на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ во насока на негова демократизација. Сигурни сме дека тој процес ќе ѝ даде дополнителна вредност на ВМРО-ДПМНЕ. Од страна на Републичкиот штаб формирана е работна група, во состав Петар Богојески, Илија Илијовски, Драган Лазаров и Александар Стојчевски, кои ќе ги презентираат нашите аргументи и предлози во таа насока. Во процесот ќе се направи детаљна анализа на статути и други слични акти на сестрински партии, членки на Европската народна партија, за што поголемо приближување до европските стандарди“, пишуваа тие во своето соопштение.

Превирања во БЕСА

Движењето БЕСА неодамна одржа два состанока на претседателството, еден во Скопје и еден во Тетово, каде беа донесени два различни заклучока. По ова случување, беше јасно дека дел од членството на БЕСА веќе не го сака Билал Касами за лидер. Сепак, тој одлучи и покрај одлуката на скопското крило, насилно да влезе во партиските простории во Мавровка.

Касами ги исклучи од партијата приврзаниците на скопското крило, кои пак, најавија нова партија во исчекување на одлуката на судот, дали Билал Касами или Неџмедин Карамани ќе ја води партијата до конгресот.

Сепак, иако ги нема во јавност, од партијата велат дека се ќе биде јасно откако Централниот регистар, по поднесените документи, ќе го официјализира Карамани како партиски лидер.

Од поновите фракции, како политичка партија излезе Движењето за рефоми на ДПА, која откако се растури коалицијата на ДР-ДПА со НДП и Унитети, Зијадин Села си ја прекрсти својата партија во Алијанса за Албанците.

Актуелно