Груби: Спорот со името е решен, треба да се договорат само деталите

Пратеникот Артан Груби, изјави дека САД гледаат оптимистички во однос на решевањето на спорот со името и даваат сестрана подршка за евроатлантските интеграции на Македонија, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Груби е дел од македонската парламентарна делегација која неделава е во официјална посета на Вашингтон, и која вчера присуствуваше на Националниот молитвен појадок традиционално организиран од претседателот на САД.

Тој за МИА изјави дека имал упешни средби со 13 конгресемени и сенатори и бил во работна посета на специјалниот советник на заменик претседателот на САД, Мајк Пенс, на помошникот заменик на државниот секретар за одбрана Лаура Купер, и се сретнал со Вес Мичел, новиот заменик на државниот секретар за Европа и Евроазија, кој дојде на местото на Ји Хојт.

Груби е член на Националниот совет за евроинтеграции и претседател на Делегацијата на Собранието на Република Македонија за соработка со американскиот Конгрес.

– На сите средби добив силна подршка за евроатлантските перспективи на Македонија. Пријатно сум изненаден од оптимизмот што овде владее во однос на решавањето на спорот со името и членство на Македонија во НАТО и ЕУ – вели Груби.

Подршка од владата на САД доаѓа и за реформските цели и внатрешната консолидација на институциите. Посочува дека позитивните сигнали што доаѓаат од Вашингтон треба да се искористат.

-Подршка доаѓа од секаде, од Стејт департментот, од Белата куќа и од Пентагон. Затоа Македонија треба час поскоро да ги реши сите отворени спорови со соседите и да ја запечати својата евроатлантска иднина. Ова е наша година и можеме да успееме во тоа – изјави Груби.

Според него, спорот со името е веќе решен. Во наредните недели треба само да се договорат деталите, за договорот со Грција да биде достоинствено и компромисно решение за двете страни.

– Со Грција започнавме да разговараме со јазик на пријатели, а не преку нишанот на историјата и градбите како досега. Имаме мерки за градење на доверба, веќе ги преименувавме автопатот и аеродромот. Идентитетот, културата, името и државата ќе ги заштитиме само ако бидеме дел од големото европско семејство – истакна Груби.

Тој изрази жалење поради непотпишаниот указ за прогласување на Законот за јазици од страна на претседателот Ѓорге Иванов, кој го врати законот на повторно читање во Парламентот.

– Иванов изуби шанса да биде прифатлив претседател за сите граѓанаи на Македонија, вклучително и за Албанците, и да остави свој белег во заокружување на нормативниот дел од Охридскиот рамковен договор – вели Груби.

Груби изјави дека законот за јазици ги исцрпува сите облигации од тој договор, интеграцијата на албанската заедница во Македонија да биде комплетирана, но дека Иванов го спречил тоа. Истакна дека првпат во историјата на Република Македонија се случува претседател на држава да врати закон со европско знаменце, прват се случува да се поднесуваат 36,000 амандмани и тоа во трето читање.

Груби вели дека авторот на овој закон е всушност ВМРО-ДПМНЕ.

– Овој закон тие го прифатија на 29 јануари 2017 и сега поднесуваат амандмани за блокирање на истиот. Овој нивни патриотизам е толку апсурден и граѓаните треба да знаат дека тоа се прави само во дневно-политички цели – кажа Груби.