Connect with us

Македонија

Дојранско езеро ја однесе крајбрежната патека вредна 800.000 евра

Речиси 60 отсто од пешачко-велосипедската патека покрај Дојранското крајбрежје од пазарот до плажата Мрдаја е уништена. Патеката или е под вода или без бекатон плочки кои се однесени од брановите на Езерото. Уништени се и канделабрите кои ја осветлуваа патеката долга 2,5 километри и широка 5 метри. Станува збор за патека која пред 6 години беше изградена со средства од Министерството за транспорт и врски. Градоначалникот Анго Ангов потврди дека патеката е во очајна состојба поради надојдената вода, но и лошо изведените градежни работи од изведувачот и најави итна санација, пишува СДК.мк.

„Патеката е во лоша ситуација поради надојдената вода, но и поради лошата изработка. Во овој момент ќе пристапиме на санирање на еден дел од патеката за да ја ставиме повторно во функција во интерес на посетителите и оние што сакаат да се рекреираат покрај Езерото. Дел од оваа патека имаме намера во наредниот период да ја остраниме заради отварање нови плажи“, вели Ангов.

Деновиве кај плажата на ЕЛЕМ се појави пена во езерските води што го крена алармот на жителите, но од Општината тврдат дека станува збор за природен процес на чистење на Езерото (Фото: СДК.МК)

За патеката која почна да се работи во октомври 2010, а беше изградена во 2012, од Министерството за транспорт и врски беа потрошени 800 илјади евра. Оваа патека, според општинските власти, ја градеше фирмата „ВИА“ од Вевчани, а надзорот за квалитетот на изработката го имаше „СМ Компани“ од Св. Николе.

Граѓаните кои рекреираат покрај дојранското крајбрежје велат дека веднаш треба да се превземат итни мерки за санација, но и дислокација на патеката. Дел од нив дури сметаат дека на овој потег кон Мрдаја патеката треба да се отстрани, за да може Езерото природно да се проширува и да се градат плажи, а не тие да бидат на платформи во Езерото.

Целиот текст на СДК.МК

Актуелно