Connect with us

Македонија

Одбиен предлогот на одбраната „бомбите“ да не бидат доказ за „Траекторија“

Во Кривичниот суд продолжи судењето за предметот „Траекторија“ во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Обвинетите присуствуваат на денешното рочиште што го води судијата Горан Бошевски.

На почетокот, судијата Бошевски ги одби предлозите на одбраната од претходното рочиште да им бидат предадени доказите на ЦД или во пишана форма, како и аудио снимките да се одбијат како материјални докази во постапката.

Во однос на аудио снимките, Бошевски рече дека независно што тие се креирани на незаконит начин, сепак од СЈО се предадени на законит начин и можат да се користат во постапката.

Бошевски посочи дека транскриптите од снимките не се доказ, туку помошно средство и апелираше, но не го задолжи СЈО, ако може да ги даде на одбраната на ЦД, бидејќи и судот нема ништо против тоа да биде направено.

Како дел од доказниот материјал во овој случај се 315 аудио-снимки.

Одбраната побара да добие и записник од рочиштето од 31 јануари и обвини дека се уште не и е доставен, иако го побарале со цел да се подготват соодветно за денешното рочиште. Посочија дека рокот за достава на записникот од главната расправа е 24 часа.

Судењето за „Траекторија“ почна од почеток на 31 јануари поради променет судечкиот совет.

Адвокатите на обвинетите ги оспоруваат и вештачењата за направената штета со изградбата на автопатиштата во износ од 155 милиони евра.

Во „Траекторија“, Груевски, Јанакиески, Пешевски и Георгиевски се обвинети дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист

Актуелно