Connect with us

Македонија

Грчките медиуми за вчерашниот протест во Скопје

„Ние сме Македонија: нов протест во Скопје“, „Не за контакти со Атина, рекоа илјадници демонстранти во Скопје“, „ПЈРМ: Собир во Скопје против промена на името на земјата“, „Нов протест за името Македонија“, „Голем протест во Скопје против промена на името“, „Голем протест во Скопје со слоганот: Ние сме Македонци“, се само дел од насловите во онлјан изданијата на грчките медиуми за вчерашниот протест во Скопје.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, во кусите текстови, без дополнителни анализи и коментари, медиумите во Грција, повикувајќи се на информации од Ројтерс и од македонските медиуми, објавија и фотографии од демонстрациите.

– Со централен слоган „Ние сме Македонија“, граѓанските организации што учествуваа во протестот, ја повикаа владата на ПЈРМ да не се согласи на никаква промена на името, но и да ги заштити јазикот и националниот идентитет – пишува електронското издание на весникот „Ефимерида тон синдактон“.

Грчките медиуми објавија дека во протестот учествувале околу 5.000 лица, а потсетуваат дека ова е втор собир во Скопје за една седмица.

– Илјадници граѓани од ПЈРМ во неделата протестираа во центарот на Скопје против промена на името на земјата, додека пак на ист протест во Мелбурн, Австралија, демонстрантите се чини дека го запалија грчкото знаме – објави грчката телевизија Скај.

Во синоќешните централни изданија на вестите на грчките телевизии, новинарите, акцентот во прилозите го ставија на протестите што ги организираше македонската дијаспора во Австралија.

Актуелно