Одбележување 75 години од холокаустот

Со повеќе настани денеска и утре во Скопје, Битола и Штип ќе биде одбележана 75-годишнината од холокаустот на македонските Евреи во Втората светска војна. Организатори се Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, под покровителство на премиерот Зоран Заев.

Дводневната комеморативна програма ќе почне денеска во Битола, каде се предвидени прием кај градоначалничката Наташа Петровска, положување цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи од Битола и споменикот на народниот херој Естреја Овадија-Мара.

На комеморативните активности во Битола ќе се придружи владина делегација предводена од министерот за култура Роберт Алаѓозовски, во придружба на министрите за транспорт и врски и за информатичко општество и администрација, Горан Сугарески и Дамјан Манчевски, и државниот секретар од Министерство за надворешни работи Виктор Димовски.

Во Битола предвиден е симболичен Марш на живите, кој ќе почне од пред платото на Здравствениот дом „Хаим Абраванел“ до железничката станица каде симболично ќе се одбележи „свеченото збогување“, а на еврејските гробишта ќе се одржи молитва (Кадиш) и отворање на ерусалимската патека. Комеморативните активности во Битола ќе завршат со отворање на изложбата „Дипломати праведници меѓу народите“ во Музејот на град Битола. Пред споменикот на депортираните Евреи од Битола и пред споменикот на народниот херој Естреја Овадија-Мара обраќање ќе има претседателот на Собранието Талат Џафери.

Во рамки на комеморативната програма во спомен на депортираните Евреи од Штип, ќе има прием кај градоначалникот Благој Бочварски, положување цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи од Штип и на еврејските гробишта во Штип. Во Штип ќе присуствува владина делегација предводена од министерот за здравство Венко Филипче и државниот секретар од Министерството за здравство Владо Милошев.

Во Скопје владина делегација предводена од министерка за странски инвестиции Зорица Апостолска и заменик-министрите за информатичко општество и администрација и за локална самоуправа Александар Бајдевски и Дејан Павлески ќе положат цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи и споменикот на паднатите борци во Народноослободителната борба (НОБ).

Во Македонската филхармонија во Скопје ќе се одржи комеморативна вечер, на која се најавени обраќања на претседателот Ѓорге Иванов, заменик-министерот за одбрана на Државата Израел Ели Бен Дахан, претставникот на Американски еврејски комитет и претставник на ОБСЕ претседавачот за борба против антисемитизам, рабин Ендру Бејкер и претседателката на Еврејската заедница во Македонија Берта Романо Николиќ.

Комеморативната програма ќе продолжи утре во Скопје со симболичен Марш на живите, кој ќе почне од Музејот на Град Скопје и ќе заврши во Империал Тобако ТКС (поранешниот Монопол) од каде биле депортирани македонските Евреи. По положувањето цвеќе на споменикот на 7.144 македонски Евреи, предвидени се обраќања на премиерот Зоран Заев, бугарскиот премиер Бојко Борисов и претседателката на Еврејската заедница во Македонија Берта Романо Николиќ. По маршот делегациите ќе се упатат кон Собранието на Република Македонија каде ќе се одржи комеморативна седница.

На настаните кои се дел од комеморативната програма, како што информира владината прес-служба, дополнително ќе присуствуваат странски државни делегации и високи државни претставници на земјите од соседството, домашни претставници на институциите на локално и национално ниво, како и претставници на заедниците на Евреите од Македонија и други земји.

За време на Втората светска војна од Македонија биле депортирани 7.144 Евреи и биле одведени во логорот на смртта Треблинка во окупирана Полска. Собирањето на Евреите од повеќе градови низ Македонија почнало ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година, по што биле донесени во Скопје во зградата на Монополот. Транспортот на Евреите од Македонија почнал на 22 март 1943 година, а до 29 март 1943 биле депортирани сите македонски Евреи во Треблинка, од каде никој не се вратил.

Во пресрет на годинашната комеморација, во понеделникот (5 март 2018) Собранието на Република Македонија усвои Декларација посветена на 75-годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија. На 6 март Владата ја усвои работната дефиниција на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот за борба против антисемитизам.