Connect with us

Економија

„Боров дол“ спас за радовишките рудари

Новото рудно тело „Боров дол“, кое треба да се активира по 2019 година е новата надеж за радовишкиот рудник „Бучим“, кој е единствен за експлоатација на бакар и злато во земјава. Доколку „Бучим“ не ја добие концесијата за експлоатација на бакарна руда на ова ново рудно наоѓалиште, во тој случај по 2022 година на рудникот ќе му се стави клуч на врата, а околу 600 рудари ќе останат без своите работни места.

Заменик генералниот директор на „Бучим“ – Радовиш, Николајчо Николов за МИА вели дека во исто време, активирањето на „Боров дол“ ќе значи и дополнителни средства за буџетите на општините Радовиш, Штип и Конче, со пари од концесијата за експлоатација на минералните суровини.

– Геолошките истражувања на „Боров дол“ започнаа пред неколку години при што геолозите утврдија рудни резерви од 41 милион тони рудни резерви, кои, со сегашниот капацитет на рудникот „Бучим“, обезбедуваат работа за период од десет години, односно од 2022 до 2031 година, кога постојните рудни лежишта кои беа или се уште се во експлоатација ќе заминат во историјата. Содржината на бакар изнесува 0,235 проценти и 0,23 грама злато во тон сирова руда. Нешто што е на ниво на можностите на рудните тела кои се експлоатираат над три децении – рече Николов.

„Бучим“ има добиено концесија за експлоатација на „Боров дол“, но согласно Законот за минерални суровини мора да се добие и дозвола за експлоатација. Николов вели дека од нивна страна наскоро ќе биде поднесено барањето за дозвола до Министерството за економија и очекува да биде добиена во мај 2018 година.

– Со доистражувања на новото рудно тело сметаме дек животниот век на „Бучим“ ќе се продолжи и до 2042 година. За „Боров дол“ имаме Студија за заштита на животната средина, изготвена од релевантна институција, а ќе има работа за уште 200 лица. Со „Боров дол“ уште повеќе ќе имаме живот во овој крај, истакнува Николов.

Рудата од „Боров дол“ ќе се пренесува преку транспортна лента

Новото рудно тело „Боров дол“ се наоѓа над радовишкото село Дамјан или на седум километри од флотацијата и хидројаловиштето на рудникот „Бучим“. Багеристите, минерите, бушачите и дамперистите кои работат во самото рудно тело, кое е надворешен коп, до локацијата ќе пристигнуваат преку нов пат. Овој нов асфалтиран пат ќе го користат и локалните жители кои имаат земјоделско земјиште или друг имот. Рудата која ќе се преработува во постојната флотација на „Бучим“, а ќе се транспортира преку лента, иста каква што има „Фени“ во Кавадарци.

– Проектот за бесконечна трака преку која ќе се транспортира рудата до флотацијата на „Бучим“ уште не е почнат да се работи. Предвидено е да почне да се работи во месец март годинава. Траката ќе биде долга седум километри. Проектот ќе биде изготвен навреме. Се планира со преработка на рудата од „Боров дол“ до флотацијата на „Бучим“ да се започне кон крајот на 2019 година. Пред крајот на оваа година планирано е да се започне со ископ на јаловината на „Боров дол“- вели Николов.

Археолошки истражувања пред отварањето на „Боров дол“

Пред да почне со работа „Боров дол“ , минатата година археолозите направија и археолошки истражувања, за што „Бучим“ инвестираше околу 200.000 евра. Над 500 предмети вреден археолошки материјал е собран од локалитетот „Врчва“ на тримеѓето Радовиш-Штип-Конче, во атарот на село Горна Враштица. Десеттина археолози од Заводот за заштита на споменици и Музеј на град Штип, и околу 150 работници истражуваа археолошки простор од 5.000 метри квадратни.

– Работевме од месец јуни се до крајот на октомври 2017 година. За тоа време пронајдовме работи кои укажуваат на постоење на доцноантичка рударска населба. На истражениот локалитет откривме 16 објекти со печки за метал, алати за ископ на руда, и други бројни наоди кои потврдуваат дека се работи за населба од 5-6 век пред нашата ера, монети од 2-3 век од нашата ера, а оваа населба егзистирала се до средниот век – вели Митко Штерјов, директор на ЗЗС и Музеј на град –Штип.

Археолозите продолжуваат со истражувањата и оваа година, веќе од март излегуваат на терен, ќе се истражува теренот, низ кој ќе поминува бескрајната транспортна лента од „Боров дол“ до рудникот Бучим.

„Боров дол“ го делат три општини

„Боров дол“ во општина Конче зафаќа 56,75 проценти од својата вкупна локација, во општина Штип зафаќа 39,03 проценти, а во општина Радовиш скромни 4,19 проценти. Самиот рудник „Бучим“ во кој ќе се преработува рудата со сто проценти е на територија на радовишка општина. Овие три општини ќе имаат удел во експлоатацијата и преработката на руда, а со тоа секоја од општините ќе може да смета на финансиска корист по основ на концесии.

Минатата година добра за рударството

Рудниците во земјава минатата година ја завршија успешно. Николов, кој е и претседател на Македонската асоцијација за рударство (МЕР) вели дека на четирите металични рудници, од кои три за олово-цинковна руда на Осоговските планини „Саса“ во Македонска Каменица, „Злетово“ во Пробиштип, „Тораница“ во Крива Паланка“ и единствениот за бакар и злато „Бучим“ во Радовиш во прилог им одела и добарата цена на металите на светските берзи. Помал пад во производство има кај рудниците за експлоатација и преработка на камен. Во рударскиот сектор се вработени околу 12.600 работници.

Актуелно