Connect with us

Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Ќе го поддржиме Заев, само да не се изгласа законот за јазици

Опозициската ВМРО-ДПНЕ смета дека Законот за употреба на јазиците се носи насилно и неуставно и евентуалното одземање на пратеничкото право на амандманска расправа би бил сериозен удар врз демократијата и преседан, кој во иднина може да има долгорочни последици.

„Насилното туркање на законот за двојазичност не е поврзано со никакви реформи, туку е поврзано со хипотеките што Зоран Заев ги влече од предизборието и непринципиелно обезбедената поддршка само за да се дограби и задржи на власт. Претседателот Христијан Мицкоски во повеќе наврати апелираше да надвладее разумот и штетниот закон да биде повлечен, а наместо него да се даде приоритет на реформските закони. Тоа ќе беше вистински конструктивен потег кој ќе покажеше дека декларативните заложби за членство во ЕУ и НАТО не се само мртво слово на хартија“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ негира дека тие учествувале во носењето и креирањето на Законот, како што тврдеа политичари од ДУИ.

„За овој закон немаше никаква дебата и секоја издржана критика од страна на уставните експерти во државата и пред се на јавноста, СДСМ не ја зеде во предвид. На сила, спротивно на демократските принципи, сега повторно сака да го истурка. Впрочем експертите, а не само ВМРО-ДПМНЕ, говорат дека овој закон не само што е противуставен, туку не е ниту во согласност со Рамковниот договор и директно задира во унитарниот карактер на државата и на позицијата на македонскиот јазик“, се вели во реакцијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, реформи не биле загрозени во Собранието, туку напротив Собранието може секој ден да става на седница вистински реформски закони за вистинските потреби на граѓаните, а за тоа ја има и поддршката од опозицијата.

„Доколку СДСМ и Заев се уценети со носењето на овој закон, ВМРО-ДПМНЕ јасно им упатува порака уште еднаш дека ќе ги поддржуваме сите реформски закони и ќе дадеме поддршка на Владата на Заев да остане, само овој неуставен закон да не биде изгласан. Секој закон, а посебно вака чувствителен најпрво треба да помине низ поширока јавна дебата во која граѓаните, стручната јавност, експертите и политичките чинители ќе изградат консензус за вака сериозни прашања“, стои во соопштението на партијата.

Актуелно