Судијата ги предупреди обвинетите во Титаник дека ќе им ги земе телефоните зошто ги злоупотребуваат

Судијата Осман Шабани ги искара обвинетите во случајот Титаник дека ги злоупотребуваат мобилните телефони во судницата, поради шо ги предупреди дека доколку продолжат на следното рочиште, уште на влезот ќе им бидат одземени, пишува Фокус.

– Ви дозволивме пред вас да ги имате телефоните но не и да ги злоупотребувате. Затоа ве предупредувам да не се повтори бидејќи следниот пат ќе ви ги одземам на влезот – рече судијата Шабани.

Новинарите не се во можност да видат кој од обвинетите го злоупотребил телефонот, односно што точно направил, бидејќи во новиот суд јавноста на судењето е разделена од обвинетите со стаклен параван.

Во овој случај обвинети се 21 лице од кои повеќето се од поранешниот врв на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, обвинетите бараа одложување на Титаник за да извршат увид на доказите распослани на 25.000 страници, на што обвинителката на СЈО, Лиле Стефанова рече дека им давала увид како што ги прибирала доказите, но тие наместо 8 часа дневно, колку што имаат можност за увид, тоа го правеле само три часа дневно.

Извор: Фокус