Connect with us

Македонија

Димитров и Коѕијас остануваат посветени за пронаоѓање на решение за името

Оценката на медијаторот Метју Нимиц по вчерашната заедничка средба со шефовите на дипломатите на Македонија и на Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас во Виена е дека двете страни се посветени на постигнување решение и оти во таа насока процесот ќе продолжи во следните недели.

Тој по средбата што се одржа во канцеларијата на ОН во Виена, Нимиц во куса изјава рече дека имало интензивна дискусија во која двете страни покажале меѓусебна почит, но не прецизираше повеќе детали.

Посочи дека со оглед на тоа дека вакви состаноци веќе се одржуваат изминатите неколку месеци, во кои разговорите меѓу двете земји се интензивираа, прашањата кои се предмет на дискусија се веќе познати.

Министрите Димитров и Коѕијас по средбата, која траеше околу три часа не дадоа изјави за медиумите. Двајцата министри по завршувањето на разговорите со Нимиц, исто како и по претходната средба во Виена, синоќа имале работна вечера.

Премиерот Заев претходно, изјави дека очекува да биде направен исчекор на средбата во Виена.

– Верувам дека креативноста на двајцата министри, тимовите зад нив и јас и Ципрас од другата страна даваме поддршка и охрабрување за да се изнајдат конструктивни и креативни решенија кои буквално ќе ги задоволат двете страни во нивните очекувања и ќе бидат достоинствени за двете земји и нивните граѓани, рече Заев.

Во пресерет на вчерашната нова рунда разговори за името се огласи и грчката Влада преку портпаролот Димитрис Ѕанакопулос. Рече дека Атина во преговорите направила отстапки, и сега е време и Скопје да ги направи неопходните чекори за постигнување договор.

Реакции пред вчерашната средба во Виена имаше и во грчките медиуми, кои ја карактеризира како клучна и решавачка. Новинарите кај јужниот сосед, потсетуваат дека разликите остануваат непроменети, а тоа се грчкото барање за ерга омнес, односно име за севкупна употреба и уставна ревизија.

Министрите Димитров и Коѕијас, како што веќе беше соопштено по нивната средба во Охрид, ќе се сретнат и на двете конференции кај јужниот сосед, едната на 3 и 4 мај во Солун, другата една седмица подоцна во Сунио.

Прашањето за името, според грчките медиуми, се очекува да биде тема на разговор и на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас на нивната денешна средба.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, од прес центарот на НАТО соопштија дека Столтенберг и Коѕијас денеска ќе остварат средба во седиштето на НАТО во Брисел.

Актуелно